Последните случувања во ИВЗ ги квалификуваме како скандалозни и недозволиво и најостро ги осудуваме. Она што го видовме е директно мешање на државата во верските заедници што за Република Македонија како секуларна држава е тотално неприфатливо, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Да се потсетиме само во минатото дека потпретседателот на Заев, потпретседателот на СДСМ даваше квалификации за челникот, односно поглаварот на ИЗВ каде што го нарекуваше резил, зло, заштитена мечка и слично. Ваквото мешање најостро го осудувам се уште еднаш и очекуваме надлежните институции кои всушност дојдоа по нарачка и го остварија она што го гледавме вчера дека ќе се повлечат и дека ќе ги преземат сите мерки за расчистување на овој случај“, рече тој.
На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ се согласува со ставот на Сулејман Реџепи кој продолжува да ја извршува функцијата претседател на ИВЗ дека овие настани се случуваат поради лошиот резултат на изборите од страна на власта, Јанушев рече дека сè што се случува во последниот период е резултат на очајот на СДСМ.
„Ние, неколку пати потенциравме во минатото дека се ова што се случува во овој период особено во последниот период од неколку месеци пред изборите е очајот на СДСМ и власта во пресрет, а сега веќе и во текот на изборите. Соочени со катастрофално нискиот рејтинг, тие се обидуваат буквално со сите полуги на власта на секој можен начин, на секој еден поединец да влијаат. Притисоците продолжуваат иако апелиравме тоа да не го прават секојдневно имаме притисоци, закани, на секој можен начин сакаат да се обидат да го прикријат срамот и негативниот резултат и падот како што всушност кажав на овој прес на повеќе од 300.000 гласови за неполни две години“, рече Јанушев.