Познатaта адвокатка и активистка за човекови права Амал Клуни предложи во Хаг да се формира меѓународен суд за терористите во кој би им се судело на терористите на т.н. Исламска држава кои извршиле геноцид и злосторства против човештвото над Језидите во Сирија и Ирак.
Таа потсети дека претходно беа формирани слични меѓународни кривични судови за воени злосторства извршени во Руанда и во земјите од поранешна Југославија.
„Во борбата против Исламската држава се собраа 79 земји, па зошто да не се формира и суд во Хаг или во регионот за да им се суди на милитантите?”, праша Клуни на седницата на Советот за безбедност на ОН, на која таа зборуваше за сексуалното насилство во вооружени конфликти .
Според неа, терористите на Исламска држава спроведувале систематско силување на жените од заедницата Језиди, поради што апелираше одговорните да одговараат за извршените злосторства, според „Анадолија“.