Новиот поглавар на Исламската верска заедница Скендер Бузаку, кој е назначен на оваа функција од судот, изјави дека не сака да создава немири, физички судири и најави дека сите постапки ќе ги водат по институционален пат, а потоа ќе ја преземе функцијата.
Бузаку за МИА изјави дека немаат пристап во седиштето на ИВЗ бидејќи неговиот претходник Сулејман Реџепи ја узурпирал институцијата.
– Ако не ги напушти просториите, ние ќе одиме по судски пат, по пат на извршители, и со асистенција на полицијата, рече Бузаку.
Тој беше дециден дека согласно решението на судот, што вчера излезе во „Службен весник”, Реџепи веќе не е реис ул улема.
– Денес не сме во просториите затоа што не сакаме судири таму. Ние се тераме законски. Работата ќе ја расчистиме со судски решенија. Решението од вчера веќе е излезено во „Службен весник” и е правосилно. Пративме допис до финансиската полиција да оди таму и да види како било работено во претходните години, бидејќи постојат сериозни сознанија дека Реџепи ја злоупотребувал својата службена положба на штета на ИВЗ и на верниците, така што ние работите ќе ги туркаме институционално. Не сме луѓе што сакаат и создаваат немири и нема да користиме речникот што Реџепи го користи. Институцијата не се држи преку канцеларии, преку заложништво, туку сакаме се да оди законски и верувам дека секоја работа ќе биде кристално чиста, рече Бузакау.
Додаде дека вчера влегле во ИВЗ и добро биле пречекани од вработените.
– Ние вчеравечер бевме физички нападнати од група што беше пратена од страна на досегашниот поглавар, во самиот објект на ИВЗ, и групата е идентификувана од страна на МВР, рече Бузакау.
Потсети на решението што е излезено во „Службен весник” и рече дека изготвиле допис и до финансиската полиција да влезе внатре. Освен тоа, како што рече, ќе направиме и тужба за времена мерка така што мислам дека брзо ќе се расчисти случајот и ќе се направат сите работи како што треба, но без насилство.
Според него, оваа ситуација негативно влијае кај верниците.
– Тој многу години институцијата ја држи во заложништво. Ние ќе апелираме на соживот, разбирање, и без политика внатре во институцијата. Ќе се придржуваме само на тоа за што сме именувани и за што служиме. Значи, служиме само за љубов, служиме само за вера, служиме да ги обединиме луѓето и никогаш нашите чекори нема да бидат политички во никоја смисла, бидејќи ние не сме политички лидери. Ние сме верски лидери и ќе проповедуваме само добри работи, потенцира Бузаку.