Пораката на гласачите од првиот круг за претседателските избори е примена и прифатена и секако ќе реагираме, но да дадеме шанса на нашата држава, рече денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи ги изборните резултати. Тој изрази уверување дека, сепак, изборите ќе успеат и оти концептот на нивниот кандидат Стево Пендаровски ќе победи.
Според него, прашањето на името и Договорот од Преспа не се причини за неисполнување на нашите очекувани резултати затоа што на референдумот излегоа 669.000 граѓани, а „за” гласаа 609.000 граѓани. Ако вистинско мнозинство биле против, имале, рече, можност и на овие избори се изјаснија 319.000 за Гордана Сиљановска како кандидат поддржана од опозицијата, како и сите оние кои беа против Договорот од Преспа. Истовремено, нагласи, ниту заокружувањето на Охридскиот рамковен договор во правно-формалниот аспект и законот за употребата на јазиците не било причина за тоа.
-Зошто еден дел од гласачите одлучија да апстинираат, а се гласачи поддржувачи на 31-та партија и на концептот на Стево Пендаровски. Одлучија преку седење дома да испратат порака на незадоволство кон власта, оти тие ако се откажале од нашата поддршка ќе ги дадеа своите гласови за опозицијата, односно за кандидатот Сиљановска Давкова. Како што гледате и Христијан Мицковски со своите политики е делегитимиран затоа што има пад со повеќе од 10-тина отсто од вкупниот број на гласовите од последните избори и не акумулира дополнителен број на гласови, а нашите разочарани гласачи дефинитивно ја испратија пораката која излегува како врв на таа анализа, а тоа е дека се разочарани од одредени функциониери, од одредени политики кои мора да бидат коригирани и во делот на политиките и во делот на функционерите, односно не така одговорно, често и достоинствено сите им служат на своите граѓани, вели Заев на новинарско прашање.
Според него еден дел од оние кои добија одговорност да им служат на граѓаните како министри, директори, за жал се изгубија во тој дел, затоа што, вели се отуѓија од народот и се поставија повисоко, а и не си ги завршија дел од работите кои ги добија. Затоа, додава, најави промени, чистка, реконструкција, која ќе следи по изборите, оти е незаконски да се вршат за време на изборен процес.
-Чесно е да им соопштам на граѓаните дека пораката е допрена до мене. Тоа што е делокруг на надлежностите од премиерот и затоа ќе има промени, тие ќе се случат и секако ќе бидат здрави и ќе ја испратат пораката на следните кои ќе дојдат да не се однесуваат така, да не предизвикуваат незадоволство кај граѓаните. Но, истовремено секако очекувам тие граѓани што имале намера да ја испрат пораката, истовремено ќе си ја прифатат и нивната граѓанска одговорност дека сепак на државата треба да и дадат шанса и да излезат и да гласаат на овие избори, да успеат изборите. Неуспешноста значи нови политички кризи, а сите трендови од минатото од сите претседателски избори покажуваат дека процентот на излезеност во вториот круг е поголема отколку во првиот круг избори. Ако било за порака, а било за порака испратена е, прифатена е и секако ќе реагираме, но да дадеме шанса на нашата држава со излегување како гласачи на 5 мај, рече премиерот Заев.
Тој нагласи дека досега не е разговарано со коалициските партнери за евентуални промени или реконструкција на Владата, како и дека досега имал различни понуди од функционерите, дека има впечаток, но сето тоа ќе се решава по изборите, и во надлежните институции.
На новинарско прашање рече дека не верува дека опозицијата ќе бојкотира, а вели, тврди одговорно дека власта нема да бојкотира. Мотивацијата му ја даваат граѓаните и веруваме во кандидатите што ги поддржуваме.
-Како претседател на најголемата политичка партија од коалицијата која го поддржува Стево Пендаровски имаме секакво право да очекуваме граѓаните од помалубројните заедници, вклучително и вторта по големина албанската заедница да биде во поддршка за Пендаровски заради заедништвото и напредокот на државата, заради ЕУ и НАТО, заради стандарот. Од другата страна се откажаа од дел од заедниците, дури не се корегираа и за босанската заедница, а ниту за албанската заедница. Ние сме мултиетничко општество отсекогаш и изборот зависи и од помалите заедници, затоа и убавината да избереме претседател кој навистина ќе биде претседател на сите и оттука верувам во успешност на изборите. Изборите мора да успеат. Истовремено еднакво е важно изборите да продолжат да бидат скандинавски, кристално чисти, демокартски слободни избори. Третата работа е важно да победи Стево Пендаровски оти знам што ќе се случува во државата, знаат и граѓаните, нови амнестии, аболиции, нови кочници,… тоа се многу проблеми, а не ни требаат, вели Заев.
Рече дека не може да ја обвини ДУИ, оти и во многу чисти македонски средини многу гласачи не излегле. Очекува сите да дадат максимален придонес во вториот круг од изборите, како и 80.000-те илјади гласачи на Блерим Река, бидејќи вели најважната определба е нашата земја и ќе и плмогнат на земјата.