За прв пат во Авганистан повеќе цивили се убиени од страна на американските и авганистанските сили, отколку Талибанците или другите бунтовнички групи, се наведува во извештај на ОН.
Во текот на првите три месеци од годинава, меѓународните и провладините сили се одговорни за смртта на 305 цивили, додека Талибанците и другите групи убиле 227 цивили, се вели во извештајот на мисијата на ОН во Авганистан (UNAMA).
Најголем број цивили настрадале во воздушни напади или извиднички мисии на терен, главно спроведени од страна на авганистанските сили.
ОН ги повика авганистанските и меѓународните воени сили да спроведат истрага во врска со цивилните жртви и да ги објават резултатите, но и да ги обештетат жртвите на соодветен начин.
Меѓународната организација почна да води статистика за цивилни жртви во 2009 година, кога во Авганистан се влоши безбедносната ситуација.
ОН, исто така, соопшти дека вкупно 1.773 цивили се убиени или ранети во првите три месеци од годинава, што е значително намалување во споредба со истиот период минатата година, кога 2.305 цивили беа убиени или ранети во конфликтот.
Минатата година, голем број луѓе ги загубија своите животи во самоубиствени напади на бунтовниците.