Активистите за заштита на животната средина од групата „Бунт против изумирање” денеска во Лондон ќе ги затворат останатите два пункта за одржување протести против климатските промени, кои траеја 10 дена.
Повеќе од илјада лица се уапсени за време на протестите кои се организирани како дел од кампањата за изразување граѓанска непослушност на ненасилен начин, со цел запирање на „климатската криза на глобално ниво”.
Демонстрантите вчера најавија дека ќе ги затворат блокадите кај триумфалната капија и на плоштадот кај Парламентот.
Тие, сепак, ветија дека ќе организираат дополнителни протести во иднина, наведувајќи дека директната акција е единствен начин да се сврти вниманието на јавноста кон климатските промени.
Најавија дека денеска во 17 часот по локално време ќе се одржи „церемонија на затворање” на протестите во Хајд парк.
– Знаеме дека ви ги нарушивме животите, се наведува во соопштението на групата, во кое се истакнува дека нивните активисти тоа го прават само затоа што станува збор за „итен случај”.
Демонстрантите блокираа вкупно пет прометни локации во Лондон.
Протестите доведоа до затворање на патиштата, метеж во сообраќајот и сериозно нарушување на сообраќајот и работењето, што влијаеше на околу половина милион граѓани.