Ѓорге Иванов свесно ги кочи процесите кои се од витален интерес за граѓаните и неосновано одбива да потпише укази за десетина закони со што нанесува штета на стотици илјади граѓани во нашата земја, изјави денеска кандидатот за претседател на СДСМ и Коалцијата Стево Пендаровски.
– Додека јас зборувам како да ги задржиме младите дома и да им обезбедиме услови да основаат дом и семејство во својата татковина, Иванов одбива да го ратификува Законот за субвенционирање на станбените кредити. Додека јас зборувам за родова еднаквост и право на сопствен избор, Иванов ја враќа жената назад и одбива да го потпише указот за важење на Законот за прекин на бременоста. Додека јас повикувам на обединување и еднакви права и можности, Иванов поддржува нов дискриминација, изјави Пендаровски.
Нагласи дека Иванов е најголем кочничар на судските реформи, со тоа што не го потпишува Законот за судовите и Законот за управни спорови. Иванов, посочи Пендаровски, одбива да ги потпише и новите закони за прекршоци, за енергетика, за тутун и повеќе други закони.
– Гласот за Сиљановска е глас за новиот Иванов. Нив ги интересираат само партиските интереси, а со тоа директно ги негираат основните човекови права на сите наши граѓани. Ако ја добијам вашата доверба, првиот ден од мојот претседателски мандат ќе ги потпишам сите овие закони, но и сите други кои ќе дојдат, а се од највисок интерес за сите граѓани на нашата држава, изјави Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Пендаровски го поздравам тоа што вчера го направи новата Државна коимисија за спречување на корупцијата, посочувајќи дека станува збор за првпат во нашата понова политичка историја ДКСК да покаже дека може да се поведат постапки и против актуелни функционери.
– Треба да се прави разлика дали е почната постапка, има индиции за или е завршена. Независно од тоа сите функционери јавно ги повикувам да не кажуваат дека не се криви, туку да ја следат препораката, односно заклучокот на комисијата. Ако е отворена постапка, без дополнителни јавни коментирања да ја почекаат конечната одлука, а ако станува збор за конечна одлука на таа комисија да ја спроведат, без да се правдаат во јавноста, изјави Пендаровски.
Нагласи дека тоа треба само да се поздрави и дека секој политичар и од власта и од опозицијата треба да им даде максимална поддршка.
– Станува збор за одлука на комисија која е направена и со активно учество и на опозицијата и на власта. Знаете каков беше и процесот на сослушување на кандидати во парламентот. Тоа не е партиска комисија, тоа е комисија составена од професионалци, изјави Пендаровски.