Лидерот на косовското Движење Самоопределување (ВВ), Албин Курти и шефот на пратеничката група на оваа опозициска партија, Глаук Коњуфца денеска во приштинското јавно обвинителство поднесоа кривична пријава за клевета против претседателот на Косово, Хашим Тачи и првиот човек на косовското Собрание Кадри Весели, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Курти, на судското рочиште на 28 декември минатата година за случајот „Окото на народот”, Тачи и Весели под заклетва изнеле клевети за него, Коњуфца и пратеникот на ВВ, Садри Рамабаја.
– Поднесовме кривична пријава против Тачи и Весели во врска со нивните лажни изјави за таканаречената „Окото на народот”. Тие изнесоа лажни обвиненија, клевети, кои имаат јасна цел – борба против Самоопределување и политичко елиминирање на партијата, изјави Курти.
Во случајот „Окото на народот” неколку членови на истоимената организација се товарат за атентатот и ранувањето на поранешниот комунистички косовски функционер, а сега адвокат, Азем Власи во март 2017 година.
Подоцна беше откриен и список со актуелни политички и јавни личности, кои организацијата ги смета за предавници и кои „треба да се ликвидираат”. Имињата на косовскиот претседател и на парламентарниот спикер се наоѓаа на тој список.
Тачи и Весели на сведочењето на 28 декември рекоа дека имаат информации дека „зад организацијата стојат Рамабаја, Курти и Коњуфца”.