Изборниот панел за жалби и претставки на Косово ѝ наложи на Централната изборна комисија (ЦИК) да ги потврди кандидатите на партијата на косовските Срби, Српска листа (СЛ) за претстојните локални избори во северно Косово на 19 мај, јави дописникот на МИА од Приштина.
Со оваа одлука на Панелот, која следува по жалбата на СЛ, се поништи вчерашната одлука на ЦИК, со која им се забрани учеството на кандидатите од редовите на најголемата партија на Србите во Косово на вонредните избори во четирите косовски општини со мнозинско српско население.
На вчерашната седница на ЦИК од присутните девет од вкупно 11 членови, за заверка на кандидатите на СЛ гласаа седуммина, а за да им се признае правото за учество на избори беа потребни осум гласа. Од гласање апстинираа двајцата членови на Комисијата од редовите на опозициското Движење Самоопределување (ВВ).
Членовите на ВВ во Комисијата побараа на СЛ да ѝ се даде рок од 24 часа да ги смени кандидатите или да се дистанцира од нивните изјави со кои ја негираат државноста на Косово, со тоа што на земјата и се обраќаат со „Косово и Метохија”.
Членот на ЦИК од редовите на СЛ Стеван Веселиновиќ рече дека спречувањето на неговата партија да учествува на изборите претставува политички напад, затоа што нејзините кандидати ги исполниле сите критериуми кои се предвидени со Законот за избори.
На вчерашната одлука на ЦИК остро се спротивстави и амбасадорот на Германија во Косово Кристијан Хелд, кој изјави дека не ја разбира „политичката мудрост” на таквата одлука.
Вонредни избори на 19 мај треба да се одржат во општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечане и Северна Митровица, откако во ноември градоначалниците Срби поднесоа оставки во знак на незадоволство поради тоа што Владата во Приштина воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
На овие избори, покрај најголемата партија на косовските Срби ќе се натпреваруваат и кандидатите на две албански партии – владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) и опозициската ВВ, чии кандидатури беа верификувани на вчерашната седница на ЦИК.