Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев на трибината во Прилеп порача дека тоа што антикорупциската комисија увидела слабости кај власта е доказ дека системот функционира.
„Кога Државна комисија за спречување на корупцијата вадела слабости на власта?! Тоа покажува дека системот функционира. Повикувам на политичка и професионална одговорност на секој кој го узурпирал правото на граѓаните, рече Заев кој посочи дека очекува одлуки и за опозицијата – пример за непотизам и партиски вработувања.
Тој побара одговорност од функционерите и нареди повлекување од работните места на роднините кои беа посочени од ДКСК.
„Директно испраќам наредба до сите веднаш да се повлечат од работните места. Само така ќе функционира системот“, рече Заев.
„Земјата оди напред, во вистински правец и тоа никој не може да го спречи. Апелирам дека пораката е примена, но до граѓаните што ја испратија, испраќам и јас порака, што вие ќе направите за државата. ‘Се ежите од помислата за режим, сте избрале прецизен начин за испраќање порака, но имаме родителска, татковинска должност да ја обезбедиме државата, да оди напред, да не се враќа назад. Да излеземе на гласање, да имаме успешни избори, демократски чисти, да донесеме одлука за да одиме Заедно Напред“, рече претседателот и премиер, Заев.