Околу 14 отсто од вработените во земјите од Западен Балкан се во секторот туризам, а регионот минатата година го посетиле повеќе од 12 милиони туристи, истакна денеска претставник на Регионалниот совет за соработка (РСС) на собирот на туристички агенции и тур-оператори од регионот што се одржа во Белград.
Состанокот го органзираше РСС во рамки на проектот за развој и промоција на туризмот што е финансиран од Европската Унија, а конкретна тема беше планирањето на најодржливите тури долж двете нови културолошки туристички рути на Западен Балкан.
Првата е наречена „Раскрсница на цивилизациите” и ги опфаќа локалитетите и местата на заедничко културно наследство од грчкиот, римскиот, византискиот, османлискиот и австроунгарскиот период.
Втората рута е наречена „Пат на монументалните споменици на Балканот” и се потпира на футуристичката уметност и дизајн на спомениците посветени на Втората светска војна во целиот регион.
За секоја од рутите од РСС во нивниот концепт се означени околу 40 дестинации.
– Освен телата што управуваат со локалитетите од културното наследство кои се јавни институции, сите други даватели на услугите доаѓаат од приватниот сектор од кој што живеат 14 отсто од вработените на Западен Балкан, истакна Снежана Дервишкадиќ, лидер на проектниот тим за развој и промоција на туризмот при РСС.
Крајна цел на проектот е подготовка и меѓународна промоција на заедничка регионална понуда на културолошки и авантуристички туризам со цел зголемување на бројот на туристите и приходите во таа стопанска гранка.