Вешто управување со трактор и едукација за правење вино се дел од активностите што ги спроведоа во рамки на размената на знаења учениците од збратимените училишта СОЗШУ „Ѓорче Петров”од Кавадарци и средното училиште „Свети Трифун” од Алексадровац, Република Србија.
Коце Попов, професор по стручни предмети во кавадаречкото училиште информира дека заедно со професорот Горан Керов ја водеа групата ученици од земјоделско – ветеринарната струка кои обавуваа практична настава во српскиот град, каде ги покажаа своите способности и вештини во управување на трактор, но и се дружеа со тамошните врсници.
-Го разгледуваа училиштето и градот домаќин, но и Врњачка бања и Топола. Присуствуваа на обавување на практична настава од страна на ученици од пекарска струка од збратименото училиште, но и од угостителско – туристичко училиште. Имаа и спортски активности. Заеднички го посетивме и градскиот, но и Винскиот музеј, но и две винарии, каде учениците се запознаа со технологиите на производство на црвени, бели и розе вина во овие винарии, а беа разгледани и оделенијата каде се произведува виното, беа разгледани и винските садови и винската опрема која се користи. Дегустиравме вино произведено од ученици, а ги посетивме и училишната винарија и економија, за МИА информираше денеска Попов.
Во лабораторијата за испитување на машините за заштита на растенијата, се обавувала практична настава – “проверка на исправноста (калибрација) на машините за заштита на растенијата”. Се запознале со начинот на кој што се проверува исправноста на машините за заштита на растенијата и значењето на оваа проверка односно калибрација на машините во земјоделското производство.
Во училишната лабораторија била реализирана практична настава – “испитување на алкохол во виното со Малиганов ебулиоскоп”. Истовремено, група на српски ученици со свои професори го посетила земјоделско – шумарското училиште во Кавадарци, училишната мини винарија и педолошко – агрохемиската лабораторија на училиштето и останати земјоделски постројки и земјоделска механизација.
Го разгледале градот и новата црква Света Петка, потоа имале активности во училишната лозова економија, ги посетиле лозовите насади и посеаните површини со есенски јачмен, а го посетиле и музејот, градскиот парк и четири винарии, Земјоделски факулет – Штип, дисперзирани студии во Кавадарци, споменикот на 12-те стрелани младинци во Ваташа, Моклишкиот манастир.
-Соработката на овие две училишта трае веќе три години и се состои во размена на ученици и професори и стекнување нови стручни практични и теоретски знаења од областа на земјоделството, помеѓу учениците и професорите од двете училишта, додаде Попов.