Кун Дејвитсе: ММФ и СБ со позитивни очекувања за економијата, земјата има добри макроекономски политики и реформи во бизнис окружувањето

Извршниот директор на Конституенцата во Светска банка Кун Дејвитсе во интервју за МИА вели дека се отвораат многу нови можности за земјата со историското решение на спорот со Грција. Земјата, вели, има историја на имплементирање добри макроекономски политики и реформи во бизнис окружувањето, а економијата закрепнува и проекциите на ММФ и Светска банка се со позитивни очекувања.

Бордот на извршни директори на Светска банка ја усвои четиригодишната Рамка за партнерство со нашата земја. Што значи овој документ за македонските граѓани?

-Историското разрешување на долгорочниот спор со Грција за името и овозможува на Владата да продолжи со реализацијата на нејзината силна агенда, која се фокусира на економскиот развој, владеењето на правото, инклузивен и одржлив раст и инвестирање во човечкиот капитал. Рамката за партнерство со Светска банка е од големо значење, бидејќи помага во напорите во приватниот сектор да се отвораат нови работни места, во инвестирањето во човечкиот капитал и борбата против загадувањето. Секако, очекувам дека рамката ќе и помогне на Владата во нејзините напори да постигне разлика во живеењето на граѓаните.

Прво, постигнатиот политички прогрес отвори можности за понатамошна интеграција на земјата во регионот и Европа. Затоа поддршката на Светска банка за владината агенда за подобрување на опкружувањето за приватниот сектор, поврзаноста и пристапот до пазари се од суштинско значење. Задоволен сум што Бордот го одобри Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Тој ќе помогне Република Северна Македонија да оствари повисоко ниво на трговија со нејзините соседи. Верувам дека регионалната и меѓународната економска интеграција на земјите од Западен Балкан е патот кон просперитет. Ние гледаме на поврзаноста паралелно, како дополнителен услов за проширување, кој ќе ја зајакне секоја земја поединечно кон патот на ЕУ интеграциите. Овој проект е од стратешко значење за целиот регион.

Второ, еден од главните развојни предизвици на земјата е квалитетот на човечкиот капита. Рамката промовира инвестирање во човечкиот капитал како клучен фактор за долгорочен, одржлив раст. Потребно е да се фокусираме на ова, преку инвестиции во развој на знаење и вештини, како и еднакви можности за најранливите категории.

Трето, фискалната одржливост и зајакнувањето на истата во однос на шокови се приоритет и за Владата и за Светска банка. Бидејќи секоја влада има лимитирани средства и важно е како менаџира со нив за одржливост на јавниот долг.

Како Бордот на директори на Светска банка ја оцени нашата земја, како и рамката за соработка?

– Бордот покажува поддршка и генерално добро расположение во однос на начинот на кој Владата ја води економијата.

Главно дискусијата на извршните директори на Одборот се фокусираше на тоа како да се унапреди продуктивноста на локалните компании, институционалниот капацитет, инвестициската политика, бизнис регулативата. Важно е да се охрабри приватниот капитал кој има потенцијал да креира повеќе и подобри работни места. Северна Македонија има добра основа и е оценета многу добро – 10 место во светот според извештајот Doing Business на Светска банка. Рамката за партнерство ќе помогне и во овој дел. Меѓународната финансиска корпорација (IFC) може да одигра исклучително значајна улога и да даде придонес за поддршка на приватниот сектор, да ги поддржи врските помеѓу домашните и странските компании, туризмот, изворите на обновлива енергија. Ресурсите на приватниот сектор се од суштинско занчење на економијата.

Кои се идните очекувања за македонската економија? Какви реформи и мерки треба да се преземат за побрз и одржлив економски раст?

-Како што реков, се отвораат многу нови можности за земјата со историското решение на спорот со Грција. Земјата има историја на имплементирање добри макроекономски политики и реформи во бизнис окружувањето.

Економијата закрепнува, проекциите на ММФ и Светска банка се со позитивни очекувања.

Извештајот за системска дијагноза на земјата на Светска банка е одлична студија која дава реална слика за предизвиците. Рамката за партнерство е резултат на заедничката работа на Владата, Светска банка, засегнатите страни во општеството и ги рефлектира и реформите што треба да се спроведат.

Инвестирањето во луѓето, во човечкиот капитал е значаен дел од прогресот. Рамката ќе помогне да се креираат нови работни места во приватниот сектор, ќе помогне да се подобри здравството, подготовката на луѓето за работа. Исто така Рамката се оденсува и на намалување на загадувањето.

Каква е соработката со Министерството за финансии, како надлежна институција за соработка од земјава со Светска банка?

-Соработката е одлична. Министерството игра многу важна улога, и во економијата и во соработката со другите министерства со цел да се инвестира во здравството, образованието, инфраструктурата и енергијата. Имав чест да ја посетам земјата неодамна и да бидам вклучен во успешното финализирање на Рамката за партнерство. Исто така и Канцеларијата на Светска банка во Скопје континуирано соработува со Владата во дијагностицирање и развој на програми.

Треба да знаете
Последни објави