Тамара Тодевска и УНИЦЕФ со тинејџерите кои добија глобално признание за иновација против насилството

Децата и менторите кои учествуваа на натпреварот за националниот младински предизвик, заедно со УНИЦЕФ и Тамара Тодевска, претставничката на Евровизија 2019, го прославија успехот на тинејџерите од Северна Македонија кои добија глобално признание за нивната иновација против насилството.

Победничкиот тим – „АндроМета” – ќе добие експертско менторство и почетна финансиска поддршка од 20.000 американски долари за да го финансираат проширувањето на својата иницијатива – мобилната апликација “Speak Out”, која е дизајнирана за да гради заедница за поддршка на жртвите од врсничко насилство.

-Се зборува за „АндроМета”. Другите деца и тинејџери се распрашуваат како може и тие да учествуваат на следниот младински предизвик. Всушност најдобриот можен резултат од светскиот успех на овој тим е токму тоа – инспирацијата што ја даваат на други млади луѓе за да се вклучат и преку соработка да решат некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација и да создадат подобар свет за себе,  рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Тамара истакна дека нејзината евровизиска песна е за секој што верува во себе и ја прифаќа својата посебност и затоа е, вели, многу горда што денес имам можност да дадам поддршка на „АндроМета” и на нивната иницијатива против врсничкото насилство.

-Верувајте во своите способности и прифатете го со радост својот потенцијал! Тогаш ќе може да направите промена, дури и чудо, рече Тамара Тодевска.

На церемонијата на доделување сертификати на учесниците, што се одржа вчера присуствуваа претставници од приватниот сектор кои се потенцијални спонзори на следните иновативни младински иницијативи и претставници од дипломатскиот кор.

Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива Generation Unlimited, која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.

Треба да знаете
Последни објави