Штипскиот уметник Боре Минов на 7 мај со 104 негови уметнички дела ќе се претстави на изложба во галеријата „Колорис Ранов” во швајцарскиот град Клостерс.
-Галеријата „Колорис Ранов” е на Марјан Ранов кој потекнува од Скопје и кој претходно работел во македонската амбасада во Швајцарија, а сега е посветен на уметноста. Клостерс е град во близина на познатиот Давос во кој се одржува Светскиот економски форум. Градот е на надморска височина од 1.200 метри и е во близина на Лихтенштајн, изјави Минов.
Соработката почнала откако пред три месеци Ранов ја посетил галеријата на штипјанецот Минов.
-Пред три месеци во мојата галерија во Штип влезе непознат човек. Започна да ги разгледува сликите и другите уметнички предмети, застана пред едно мое дело и ме праша дали сум јас негов автор на што дадов потврден одговор. Дури тогаш човекот ми се претстави како Марјан Ранов, галерист од Швајцарија, давајќи ми отворена понуда со изложба на мои слики да го означам почетокот на работата на неговата галерија. По пријатен разговор со Ранов во кој тој ми кажа дека видел две мои слики во Берн, јас го прифатив неговиот предлог по што дојде и понудата на 7 мај да ја отвориме галеријата со изложба на мои слики, посочи Минов.
Изложбата во Швајцарија ќе биде отворена два месеца, а идејата е по завршетокот на неговата изложба таму да однесе и други македонски уметници кои во оваа, а и во некои други галерии во Швајцарија би го претставиле своето сликарство.