Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, најави дека Косово ќе бара репарации од Србија, иако, како што додаде, не верува дека ова прашање може да се реши на претстојниот самит во Берлин.
„Ова е важно прашање што треба да се реши, тоа е значајно за жртвите и за правдата воопшто. Но, јас не мислам дека сето тоа ќе биде решено во Берлин“, изјави Харадинај за РТК 2 и додаде дека косовската делегација ќе изнесе некои ставови и погледи, но и дека не очекува дека ќе има некој поголем успех.
Харадинај, исто така, тврди oти постигнато е одредено усогласување на ставовите со Хашим Тачи, но и дека нема промена во неговата позиција за признавање на Косово во рамки на постојните граници.
На констатацијата дека, покрај разграничувањето и размената на територии, како решение се споменува и новиот термин – двоен суверенитет и на прашањето што значи компромис за владата во Приштина, Харадинај рече дека приштинската делегација во Берлин не оди со стари приказни, разграничување или размена на територии.
„Тоа се приказни од минатиот век. Во Берлин повеќе одиме за да се реши последното прашање меѓу Косово и Србија. Признавањето нема да се случи со некоја нова идеја или формула“, вели Харадинај, кој смета дека признавање мора да се случи.
Во спротивно, според него, Србија ќе биде целосно блокирана кон ЕУ, нема да може да напредува и истовремено ќе ја загуби својата улога во регионот.
Како што кажа тој, со признавањето на Косово, Србија би загубила нешто на политичко ниво, но од друга страна би добила поширок пазар и поголемо влијание во регионот како економска сила.