Со засадување чинар и прикажување негови фотографии, интервјуа, предавања, во паркчето спроти Наџак / Идадија во неговото омилено Дебар Маало денеска на денот на неговиот родненден му беше одадена почит на еден од најголемите македонски драмски автори Горан Стефановски.
Во присуство на неговото семејство и братот, гитаристот Влатко Стефановски, како и бројни пријатели, колеги, почитувачи, актери, доајени на театарската уметност се слушаше и неговата најомилена музика.
-Тоа дрво е поставено во спомен на Горан Стефановски. Еден живот згасна, ама тука еве друг започнува. Предлагам да го викаме Горан, или Горанчо нагалено, додека да не порасне, па ајде да му кажеме: Здраво Горане. Добредојде дрво. Се надевам дека тука ќе ти биде убаво, дека ќе пуштиш длабок корен и дека ќе бидеш среќно, рече неговиот син Игор.
Пред присутните се обрати и претседателката на Советот на Општина Центар, Јана Белчева која соопшти дека на тоа место ќе биде поставен споменик на Горан Срефановски во вид на метална клупа, на која во човечка големина ќе биде излиена неговата фигура како седи на клупата.
– Ова ќе биде една клупа за љубов, за живот, за слава на животот, за слава на Горан и негово вечно сеќавање, рече Белчева.
Настанот се одржа на иницијатива на МАНУ и во организација на семејството Стефановски и Општина Центар. Насловен „Прослава на животот на Горан Стефановски” и замислен како негово духовно враќање дома, се одржа во Дебар Маало зашто токму покојниот писател и професор има удел во неговото креирање како култно место. Симболиката на Дебар Маало е во тоа што беше животно и духовно, а особено книжевно врзано со работата и животот на Стефановски.
Горан Стефановски (1952-2018) почина лани, во ноември, по кратко боледување на 66 години во Кентербери, Велика Британија. За дописен член на МАНУ беше избран во 2004 година, а беше и долгогодишен член на Македонскиот ПЕН-центар. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности и од 2000 година – професор на Универзитетот во Кент, Англија.