Четврток, 27 април 2017 година, сончев пролетен ден што со ништо не навестуваше дека во историјата ќе остане запаметен како „крвавиот четврток”. Првата годишнина од случувањата во Собранието беше во исчекување на судска разврска против повеќе од 33 лица…една амнестија и десетина собраниски насилници во затвор. На втората годишнина има дел осудени учесници во настаните, а јавноста се уште чека на откривање на организаторите.
Четврток – 27 април 2017 година
Во Собранието со голем број реплики и контра реплики точно напладне почнува дваесеттото продолжението на конститутивната собраниска седница, на која на дневен ред е и точката за избор на пратеникот на ДУИ Талат Џафери за нов претседател на Собранието. Надвор пред собраниската зграда се одржуваат 60-тите протести на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија” со барање за отфрлање на т.н. „тиранска платформа” и одржување нови парламентарни избори.
Во 14:00 часот лидерот на СДСМ Зоран Заев, бара почитување на Деловникот и да се премине на избор на претседател на Собранието, нагласувајќи дека има ново парламентарно мнозинство со 69 пратеници.
Во 18:00 часот претседавачот Трајко Вељановски го прекинува 20-тото продолжение на конститутивната седница на Собранието, но пратениците остануваат во пленарната сала и новото владејачко мнозинство го избра пратеникот на ДУИ Талат Џафери за нов претседател на Собранието.
Во 18:30 часот во прес салата пратениците се подготвуваат за прес-конференција на Зоран Заев и Талат Џафери, бидејќи четири месеци од одржувањето на парламентарните избори и по една декада државата доби ново владејачко мнозинство.
Додека трае прес-конференцијата на Талат Џафери на мониторите пратениците и новинарите гледаат како толпа граѓани ја пробива заштитната ограда на полицискиот кордон и доаѓа до вратите на Собранието. Додека зборува Заев, толпата веќе влегува во Собранието и обезбедувањето ги затвора вратите од прес-салата.
Повеќе од три часа полицијата не успева да воспостави контрола над ситуацијата.
Околу два часа во прес-салата на првиот кат повеќе пратеници, меѓу кои и идниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот претседател на Собранието Талат Џафери се под опсада и удар на толпата граѓани. Официјално над сто лица завршуваат во болница, а најкритична е состојбата на пратеникот Зијадин Села.
Вкупна затворска казна од 211 години на 16 обвинети за „Крвавиот четврток”
Случајот за настаните во Собранието на 27 април 2017 година почна на 22 август 2018 година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Но, по донесувањето на Законот за амнестија беа помилувани 15 лица.
Во рамки на доказната постапка беа сослушани околу 50 сведоци, како и еден загрозен сведок, на чие сведочење беше исклучена јавноста. Како сведоци беа сослушани актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.
Согласно Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година, амнестијата не се однесува на организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петтемината пратеници – Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија” Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.
Судечкиот совет во Кривичниот суд во Скопје предводен од судијката Добрила Кацарска на 15 март годинава им одреди вкупна затворска казна од 211 година на 16 обвинети за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, а Игор Дурловски го ослободи од обвинение.
Митко Чавков доби најголема казна од 18 години, Митко Пешов 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски – Леви – 15 години, Оливер Поповски – 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мунир Пепиќ – 15 години, Абдулфета Алими – седум години, Младен Додевски – 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанче Ангеловски – 12 години, Игор Југ – 12, Влатко Трајковски – 15 години, Вилијам Михајловски – 14 години, Николо Митровски – Кољо -15 години и Александар Василевски Нинџа – осум години.
Насилниците во затвор, организаторите на слобода
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција преку соопштение во февруари годинава информира дека под истрага се пет лица кои се сомничат дека се организатори на настаните од 27 април.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.
Од ОЈО информираат дека наодите од предистражната постапка укажале дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија” кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.
– Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, информираат од ОЈО.