На денешниот датум, 27 април, пред две години ја имавме една од најгрдите епизоди воопшто во историјата на модерна Република Македонија, изјави кандидатот за претседател, Стево Пендаровски.
„На тој ден страдаа пратениците, страдаа новинарите, страдаа вработените во Собранието, дел од луѓето кои упаднаа добија судски пресуди, а за дел од нив се постапките во тек, она што е најважно и она што мислам дека во вториот изборен тек да се потенцира е дека не чувме политичка осуда, било каква осуда, макар од човечки аспект на луѓето, на политичката партија, на кандидатите кои и сега ја бараат вашата доверба во очи на 5-ти Мај и вториот круг на Претседателските избори“, рече Пендаровски.
Тој упати критика кон неговата противкандидатка, Гордана Сиљановска, за која рече дека ниту тогаш, ниту во изминативе две години во било кој повод не кажала ниту еден збор осуда за тој чин.
„Почитувани граѓани, сите тие флоскули за право и правдина, би вределе, би имале тежина, само во случај ако г-ѓата Сиљановска и партијата која ја поддржува го осудат овој чин и конечно кажат дека од таквите луѓе кои тоа го организираа, сите ние треба да се срамиме. Ова е многу побитно од тоа кој ќе добие на изборите, ова е многу побитно и од пратенички мандати и од советнички мандати, ова е многу побитно од бројот на гласови што ќе го добиеме, ова е побитно дури и од тоа дали ќе добиеме датум за преговори во јули“, рече Пендаровски.