Пет начини да препознаете лажни вести

Прво, обрнете внимание на насловот. Замислете се и секогаш вклучете црвен аларм кога ќе видете дека во насловот има тенденција кај вас да се предизвика чувство на страв, паника, вознемиреност.

Ова е првиот чекор што го препорачува Александра Теменугова од Инстиутот за комуникациски студии во процесот на препознавање лажни вести.

-Тоа е првиот рецепт на креаторите на медиумски содржини да го привлечат вниманието на корисниците на социјалните медиуми, вели Теменугова.

Таа во разговор за МИА ги појаснува начините, на кои граѓаните може да препознаат лажни вести, чија продукција особено се зголемува во период на поважни политички случувања, во моментов кај нас во пресрет на вториот круг од претседателските избори.

-Второто правило, проверете ги изворите. Дали оваа вест е еднострано напишана. Дали ги има сите релевантни извори кои би можеле да ја дадат информацијата и дали тие извори на информации се релевантни или не, препорачува таа.

Трет чекор е дознавање на авторот на веста. -Трето, дали го знаеме авторот на веста. Кој ја прави веста, со каква намера, дали има импресум доле на веста, вели Теменугова.

Препорачува и проверка на датумот на изработка на веста, како и проценка дали некоја информација намерно е пропуштена.

– Четврто, проверете ја датата кога е веста направена. Петто правило, размислете дали има некоја информација, која што можеби е пропуштена намерно или ненамерно во оваа вест, истакнува Теменугова во разговор за МИА.

Треба да знаете
Последни објави