Од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери ги негираат обвинувањата изнесени од Алијанса за Албанците и посочија дека каменот со натписот „27 април 2017 година” стои на истото место каде бил поставен минатата година.
Претходно денеска, на годишнината од настаните од 27 април, потпретседателката на Алијанса за Албанците, Бујаре Абази, изјави дека на овој датум минатата година заедно со претседателот на Собранието, Џафери, поставиле камен со натпис „27 април 2017 година” како симбол на соборување на режимот, но дека тој уште не е поставен пред Собранието.
– Во знак на одбележување на денешниот датум што го симболизира денот кога беше соборен 10-годишниот режим „Груевски-Ахмети”, минатата година пред влезот на Собранието поставивме камен со натпис „27 април 2017 година”. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој беше избран токму на овој ден, вети дека овој камен ќе го постави на влезот на Собранието, за да го одбележи овој ден. И после една година, не се знае каде заврши тој камен, па затоа сакаме да знаеме каде остана ветувањето на Талат Џафери, и зошто каменот не е поставен на влезот на Собранието, рече Абази.