Мицкоски: Цензус на 5 мај ќе има, а Сиљановска ќе биде новиот претседател на државата

На сите правосолавни христијани, кои што денеска го празнуваат Христовото Воскресение – Велигден им го честитам празникот и им посакувам многу здравје, среќа, љубов и на крај да си ја сакаат татковината Република Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите дадена пред Соборниот храм во Скопје.

На новинарско прашање за тоа дали ќе преземе одговорност ако професорката Сиљановска ги изгуби изборите, претседателот на опозициската партија одговори дека после завршувањето на изборите, републичкиот изборен штаб пред Централниот комитет на партијата ќе презентира извештај за сработеното, а ова тело ќе одлучи како и во кој правец партијата ќе се движи.

„Ние со првиот круг покажавме и докажавме, дека ВМРО-ДПМНЕ е консолидирана, ВМРО-ДПМНЕ е црвста на нозе, ВМРО-ДПМНЕ победи во 47 општини во Република Македонија, освои 42,5% од гласовите на оние кои што одлучија да излезат во првиот круг. Она што е важно е што ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е честита, принципиелна, искрена политичка сила. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и никогаш не смееме да заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ потекнува од народот и дека треба да остане секогаш меѓу народот“, истакна Мицкоски.

Запрашан за тоа дали очекува цензус во вториот круг од изборите и до каде е неговата партија со договорот за СЈО, Мицкоски одговори.

„Следен претседател на Република Македонија е професорката Гордана Сиљановска Давкова и самото тоа дава одговор на вашето прашање дека очекувам да има цензус во вториот круг на 5 мај.
Во врска со второто прашање поврзано со Законот за јавно обвинителство, простете ќе мора да ве корегирам, не станува збор за СЈО. Работните групи работат, знам дека има размена на документи, се уште е тоа во работна верзија. Фокусирани се претпоставувам сите сили кон вториот круг на претседателските избори, се надевам дека веднаш после тоа ќе седнеме и ќе ја завршиме и таа работа, но и сега СДСМ има можност нека ги прифати амандманите, кои што опозицијата ги предлага и веднаш да појдеме во Собрание и да го изгласаме Законот за јавно обвинителство“, истакна партискиот лидер.

На крајот, Мицкоски беше прашан за коментар на изјавата на Зијадин Села, кој што повика поддржувачите на Блерим Река сами да одлучат како ќе постапат на вториот круг од изборите.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека не би сакал да се меша во политките на останатите политички партии.

„Она што јас исто така го прочитав е дека во четврток тие ќе имаат претседателство на партијата и ќе излезат со конечен став, неговата изјава е во насока на подобрување на демократијата“, нагласи Мицкоски додавајќи дека не би се сложил дека повикот на Села е во насока на апстинирање на гласачите во вториот круг.

Треба да знаете
Последни објави