Среќко Георгиевски: Ракометните ветерани уште играат, ама само по 15 минути полувреме

Дека и повозрасните можат да го негуваат спортскиот дух и над четириесеттата година од животот докажуваат ракометните ветерани. Секоја година без разлика на возраста се собираат на ниво на поранешните југословенски републики и заедно играат некогашните првотимци. И годинава во чест на Тоше Проески се среќааваат во Македонија во октомври. Среќко Георгиевски, некогашен член на првиот ракометен тим на Македонија сега е претседател на Здружение на ракометни ветерани на Македонија (ЗРВРМ). Тој за 24 инфо вели дека неговата функција нема некое значење. Вели дека е прв помеѓу еднаквите. Приватно е професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од 2002 година, а професионално од 2008 до 2013 година беше спортски директор на РК Вардар.

Јас сум малку послободен со работните обврски, а поголемиот број на членови се или вработени во приватни фирми, или се ангажирани како ракометни тренери. Нашево здружение е здружение на поранешни ракометари во кое повеќето членови се играчите од првата ракометна репрезентација на Македонија. Нашето здружение се состои од околу 20 члена. Би сакал хронолошки да ја опишам историјата која му претходеше на формирањето на здружението. Здружението на ракометни ветерани од Нова Градишка, во октомври 2011 година ја контактираше Ракометната федерација на Македонија и испрати покана за одигрување на меморијален ракометен натпревар, во чест на Тоше Проески, помеѓу нивното здружение и ветеранската ракометна репрезентација на Македонија. Федерацијата ја прифати поканата и во наредните три години испраќаше екипа за обележување на датумот на трагичното загинување на нашата гордост. Во 2015 година се формира ова здружение.

Кој е најмладиот, а кој најстариот член?

Најмлад член е Далибор Лукиќ, кој е роден 1983, а најстар член е Никола Бисинов, кој оваа година полни 65 години.

 

Се организираат ли турнири меѓу ветеранските ракометни здруженија?

Низ просторите на поранешна Југославија има многу здруженија на ракометни ветерани.

Колку често се собирате на терен да ги одмерите силите?

Ние учествуваме на турнирите во Нова Градишка, Нови Сад и Копер, а оваа година за прв пат ќе учествуваме на турнирот во Прилеп, кој е во организација на здружението на ракометни ветерани од Прилеп. Инаку, од време на време се собираме и играме пријателски натпревари со ветерански екипи низ државата. Во чест на Тоше Проески, нашето здружение од 2015 година секој октомври организира ветерански ракометен турнир, на кој учествуваат екипи од цела поранешна Југославија.

Дали важат истите правила и колку трае едно полувреме?

Важат истите правила, но времетрањето на едно полувреме е помеѓу 10 и 15 минути. Сепак се работи за возраст на играчи над 40 години.

Кои од звучните имиња на ракометот се членови?

Од оние кои се активни во моментот во здружението, на прво место се Пепи Манасков, Стевче Стевановски, Дејан Кимевски, Тони Николовски, а Аце Станковски, Зоран Петковски, Томче Петрески, Иван Марковски, Зарков Александар и други, поради нивниот тренерски ангажман не се често вклучени во активностите на здружението.

Од која екипа има најмногу ветерани?

Ние имаме ветерани од многу екипи. Моментално активни во здружението се: од Куманово-Дејан Кимевски, Зоран Кузмановски, од Скопје-Тони Николовски, Љубиша Давковски, Тоше Ташковски, Влатко Георгиев, Среќко Ѓорѓиевски, од Велес-Никола Бисинов, од Неготино-Сукара Драган, од Кавадарци-Ванчо Кузманов, Тони Петревски, Миле Масларков, од Прилеп-Пеце Локвенец, Кристијан Илиоски, Тони Димоски, Далибор Лукиќ, од Битола-Стевче Стевановски, од Струмица-Димитар Пандев, Сашо Брндевски.

Како ги коментирате денешните случувања во ракометот во Македонија?

Сметам дека ракометот стана спорт број еден во нашата држава. Успесите на репрезентацијата и на Вардар и Металург ја зголемија популарноста на овој спорт. Се отворија многу ракометни училишта. Морам да истакнам дека желбата за поголем успех на меѓународно поле, со носење на голем број на странски играчи, ја успори смената на генерациите во репрезентација. Реално е играч на возраст од 20-тина години да стане носител на игра во својот клуб, а тоа, со чест на исклучоци, подолго време го нема кај нас.

Новата структура на натпревари во СЕХА лигата, каде ќе играат првите два клуба од државата, можеби ќе овозможи да истите се вклучат во регуларниот тек на натпреварите во домашното првенство, па со тоа ќе се зголеми квалитетот на нашата лига, а со тоа играчите од другите екипи ќе стекнат поголемо искуство.

Кој е Среќко Горгиевски приватно?

Во 1984 година започнав со студирање на Земјоделскиот факултет во Скопје, а дипломирав 1988 година. Добив понуда од мојот професор Никола Јорданоски да бидам негов асистент и 1989 година се вработив на Земјоделскиот факултет. Во 1994 година магистрирав во Нови Сад, а докторирав 2001 година во Скопје. Професор сум на Факултетот за земјоделски науки и храна од 2002 година. Во Периодот од 2008 до 2013 година бев спортски директор на РК Вардар. Започнав на 14 години возраст да тренирам во РК Кале (1979 година), каде останав до 1984 година. Потоа настапував во Металург, Вардар Младост-Богданци, Повардарие и Пролет. Завршив со ракометната кариера во 2003 година. Член бев на првата ракометна репрезентација на Македонија, каде настапував од 1992 до 1995 година.

Валентина Ангеловска

Фото: Сободан Ѓуриќ

 

Треба да знаете
Последни објави