Самоопределување организира протест во Берлин поради средбата Тачи – Вучиќ

Косовската опозициска партија Движење Самоопределување (ВВ) утре ќе организира протест во главниот град на Германија, Берлин, каде што, во рамките на самитот на лидерите од Западен Балкан, ќе се сретнат претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ,  јави дописникот на МИА од Приштина.

Протестот, како што соопшти партијата на Албин Курти, ќе се одржи пред канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел, која заедно со францускиот претседател Емануел Макрон е домаќин на самитот, на кој се очекува главна тема да бидат односите меѓу Косово и Србија.

– Нека се слушне и гласот на иселениците, се наведува во соопштението на ВВ, со кое, под мотото „Против пазарењата на Тачи и Вучиќ”, се повикуваат косовските иселеници во Германија на протестот закажан за во 18 часот, кога се очекува Тачи и Вучиќ да се сретнат во зградата во која се наоѓа кабинетот на Меркел. 

Треба да знаете
Последни објави