На една недела пред вториот изборен круг за претседател на земјава, две третини од граѓаните сакаат, тие на директни избори да го донесат идниот шеф на државата (75,5%), иако при првиот круг таа обврска ја извршиле 41,82 % од нив, покажа истражувањето на тема „Информирање на граѓаните за време на кампањата” спроведено за емисијата „Детектор” во која гостуваа Јасна Бачовска – Недиќ – универзитетски професор, Бојан Кордалов – специјалист за нови медиуми и ПР и Александар Кржаловски – политички аналитичар.
Според истражувањето, најголем дел од испитаниците за изборниот процес и претседателските кампањи се информирале преку телевизијата (58,2%), а потоа преку веб порталите (14,9%) и социјалните мрежи (11,8%), a весниците се на четврто место (5,8%). Половина од нив им веруваат на информациите кои ги добиваат од медиумите (50,5%), иако значителен број (33,2%) ја немаат таа доверба во средствата за јавно информирање.
-Македонското општество е предоминантно телевизиско општество и сведочевме на класична кампања подготвена за традиционалните медиуми, која не беше подесена за новите технологии” – предочува професорката Јасна Бачовска – Недиќ, со што се согласува и Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми потврдувајќи дека „кандидатите за претседател не ги искористија новите медиуми и не покажаа иновативност, туку дури и ја игнорираа кампањата што требаше да се случи онлајн, посочува тој навестувајќи дека пред вториот круг кандидатите се обидуваат да го надоместат тој јаз, но сè уште фокусот е на традиционалните, неиновативни и досадни начини на водење кампањи.
Иако последниве 15 години не бевме навикнати на телевизиски дебати на политичките опоненти, на овие избори за еден месец гледавме повеќе од 15 такви соочувања. За политичкиот аналитичар Александар Кржаловски она што ја направи и разликата на овие претседателски избори се токму дебатите со кандидатите „Пендаровски покажа нервоза на самите дебати со што ја симна очекуваната разлика од повеќето анкети, до она што ни се случи”, вели тој.
Осум од десет анкетирани немале притисоци за кого да гласаат во рамки на изборните процеси (82,2%), иако 45,0% од граѓаните сметаат дека постојат притисоци за кого да се гласа на изборите.
-Во високо поларизирани општества како нашето, кампањите можат многу малку да сторат во борбата за секој глас”, предочува професорката Бачовска – Недиќ иако потенцира дека според анкетите „граѓаните сакаат да го изберат идниот претседател на непосредни избори, па според легитимитетот тој е поголем од оној на пратениците, меѓутоа, од личноста на претседателот зависи колку таа поддршка ќе биде оживеана. Разочараноста од досегашната позиција на институцијата претседател е еден од факторите кој влијаеше на вака малата излезност, вели таа.
Битката за цензус на овие избори за Кржаловски е сигнал „дека веќе e созреано да се избира претседател во собрание и тогаш да се обидеме, да се направи консензус меѓу партиите за еден кандидат кој што ќе биде обединител”. Со сличен став за обединување околу горливите проблеми на секој граѓанин, здравство, образование, социјала е и Кордалов „таквите прашања не може да ги реши ниту една партија, ниту се решаваат во еден мандат. Мора да решат партиите да ги исполнуваат заедно, кога ќе го видат тоа граѓаните, сметам дека ќе почнат да размислуваат за иднина дома, наместо иселување надвор, и ќе се врати довербата во власта, независно која е сегашна или идна”.
Инаку Кржаловски смета дека во вториот круг ќе биде постигнат цензус. -Блиската разлика меѓу двата кандидати во вториот круг прави исклучително компетитвна атмосфера која ќе мотивира многу граѓани, поддржувачи и симпатизери на едната или другата партија, ако не да му помогнат, тогаш да му одмогнат на другиот и ќе излезат на гласање, истакнува тој.
Граѓаните сметаат дека Македонија ги исполнува стандардите на Европската Унија за фер и демократски избори (48,2%), а доколку станеме членка на Унијата тоа ќе го унапреди изборниот процес (53,4%).
Истражувањето на тема „Информирање на граѓаните за време на кампањата” беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 23 до 27 март, на 1.100 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.