Здружението на новинарите на Македонија го осудува односот на припадниците на МВР, кои не дозволиле на новинарската екипа на Македонската радио телевизија да сними прилог по повод Велигденските празници, пред и во дворот на црква во Скопје.
– На 27 април околу 11 часот пред црквата „Св. Апостоли Петар и Павле” во Горно Лисиче, на снимателот Трајче Илиевски и новинарката Марија Котовска од МРТ не им било дозволено да пристапат во дворот на црквата и да снимат прилог од страна на униформирани лица од МВР. Според новинарската екипа, образложението на присутните полицајци било дека снимателот и новинарката не смеат да бидат на таа локација поради најавено присуство на висока делегација, соопштува ЗНМ.
Здружението вели дека ваквото укажување е проблематично зошто се покажало дека не станува збор за висока делегација, а и да било тоа случај полицијата не може да ги брка новинарските екипи туку напротив да им обезбеди простор од кој тие безбедно ќе ја вршат својата работа.
– За оваа неоправдана постапка на припадниците на МВР со која се попречува работата на снимателите и новинарите, ЗНМ ќе поднесе и претставка до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, се вели во соопштението на ЗНМ.