Јапонските работници, поради абдикацијата на царот Акихито, кој неделава поради здравствени причини ќе му го отстапи престолот на својот син, би требало да уживаат во неочекуваните десетдневни празници по повод ваквата церемонија.
Но, во земјата во која со голема почит се гледа кон работата и трудот, неработните денови за многумина претставуваат проблем.
„Да бидам искрен, не знам што ќе правам за време на празничните денови“, вели 31-годишниот економист Сеишу Сато.
„Ако се решам да патувам, знам дека сè ќе биде исполнето и дека туристичките аранжмани ќе поскапат, па затоа е многу веројатно дека ќе останам дома со моите родители“, додава тој.
Истражувањето на весникот „Асахи Шимбун“ покажува дека 45 отсто од Јапонците се чувствуваат несреќни поради долгите празници. Само 35 отсто од нив истакнале дека се среќни поради неработните денови.
Од друга страна, пак, за некои Јапонци празниците носат дополнителна работа.
„Нема да можам да земам слободни денови, напротив, ќе бидеме премногу зафатени“, изјавил 45-годишниот Такеру Џо, кој работи како пица мајстор.
Некои други кои мора да работат не знаат што да прават со своите деца.
„За родителите кои работат во услужните дејности, 10 неработни дена значат вистинска главоболка. Училиштата, детските градинки – сè е затворено“, вели еден незадоволен родител.
Празниците започнаа во саботата, по што веднаш дојде до гужви на аеродромите и на станиците за експресни возови. Патиштата за излез од Токио беа блокирани од автомобили.