Два случаји на кршење на работничките права се пријавени и се следат од страна на Здружението „Гласен Текстилец”-Штип. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец”-Штип вели дека во првиот случај се следат отказите на 50 работнички, кои биле пред пензионирање, а потпишувале договори за работа на еден или три месеци со работодавачот.
-Случајот беше пријавен во државниот инспекторат за труд, дел од нив ќе си ја бараат правдата преку суд, ги препративме кај нашите правни тимови. Не е нешто комплицирано, но тие жени се пред пензија и заслужуваат да земат отпремнина. Исто така, имаме и уште една фирма во Штип, којашто по се изгледа се спрема за ликвидација, има 40 вработени. Имаше и некоја урамниловка на платите, без исплатени додатоци на плата, вели Ампева.
Таа истакна дека состојбата во оваа фирма се следи и им е страв дека ќе се затвори и да посегнат по судска постапка, бидејќи работниците ќе имаат победа само на хартија, а не можат да се исплатат платите, како што беше случајот со „Веибо” и „Кадоро” во Крива Паланка. Ампева забележува дека од страна на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска добиле најава дека новиот Закон за работни односи ќе се отвори во мај, односно по претседателските избори.
-Беше ветено дека додека сите партнери не се усогласат, законот нема да биде изгласан, нема да биде пуштен во постапка, а ние ќе го очекуваме тоа. Меѓутоа остануваат овие проблеми и се надевам дека со новиот закон ќе бидат решени, за да имаме помалку штета на терен, рече Ампева.
Прашана каде најмногу се кршат работничките права, Ампева децидно укажува дека тоа се случува во целиот приватен сектор, од супер маркети, па се до текстилните и кожарските фабрики. Таа како претставник на Здружението „Гласен Текстилец” од 2 до 5 мај ќе присуствува на меѓународната конференција во Атина, Грција, каде што ќе зборува за состојбата со работничките права на Балканот.