КУД „8 Октомври” од Крива Паланка учествуваше на Меѓународен детски фолклорен фестивал во Турција

Културно- уметничкото фолклорно друштво “8 Октомври” кое работи и функционира како секција на националната установа Центар за култура Крива Паланка со младинскиот ансамбл се претстави на 14-тиот Интернационален детски фолклорен фестивал “Чинарчик Јелоуа” во Република Турција.
-Фестивалот е реномиран и има долга традиција на одржување,а нашиот втор ансамбл имаше можност по првпат да биде дел од ваков голем настан, кој што траеше три дена и опфати учесници од земјата домаќин Турција, Азербејџан, Бугарија, Србија и Република Северна Македонија. Нашите  играорци и играорки имаа одлично претставување на сите настапи, на повеќе сцени во градот Чинарчик Јелоуа, а ги изведоа кореографиите: Егејска, Игри и песни од источна Македонија, Драчевка, за што добија признанија од организацискиот одбор на фестивалот и вистинска гордост беше да се биде Македонец, слушајќи ги зборовите упатени на адреса на изведувачите, изјави кореографот Александар Петровски.
По овој настап, рече, веќе утревечер КУД “8 Октомври” организира велигденска фолклорна средба во НУ Центар за култура Крива Паланка,со почеток во 19 часот.
-Во чест на велигденските празници утревечер раководството на установата во соработка со КУД “Ефрем Каранов” од Кратово за сите граѓани на општината, љубители на народната музика, фолклор и мелос, организира “Велигденска фолклорна средба”. Добредојдени се сите, а влезот е слободен, информира директорката на НУ Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.
Таа ги покани Кривопаланчани и жителите на соседните општини да присуствуваат на настанот и да уживаат во продолжението на велигденските празнувања.
Треба да знаете
Последни објави