Кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова ги повика стружани да гласаат на изборите по сопствено убедување, а не партиски.
„Јас во вториот круг очекувам граѓаните на Струга без оглед на етничка, верска, јазична и друга припадност сами да одлучат бидејќи гласот е нивен, а не партиски, кому ќе му го доверат. Мислам дека доволно нешта во животот сум направила за да докажам дека не ги разликувам луѓето по етничка, верска или јазична припадност. Кога велам граѓанки и граѓани на Струга мислам не само на Македонците, мислам на Албанците, на Турците, на Ромите, на Власите, на Египјаните и на сите други“, истакна Сиљановска.
Таа рече дека и значат овие гласови, бидејќи заедничко со жителите на Струга и е Охридското Езеро, бидејќи таа е родена во Охрид.
„Навистина ги охрабрувам, ги замолувам, ги убедувам дека доколку го дадат гласот за мене дека ќе го дадат гласот за некој кој што цел живот се водел и ќе се води и раководи од еднаквоста на сите пред правото во интерес на правдата и критиката“, додаде Сиљановска-Давкова.