Статистиката против цензусот: Излезноста во вториот круг во просек помала за над седум отсто

Македонија на 5 април нема да избере нов претседател, ако се верува на традицијата и статистиката од досегашните гласања, а бројките велат дека одзивот на гласачите од 41,79 отсто во првиот круг е најнизок во изминативе 30 години. Против цензусот е фактот дека од  парламентарните избори 1990 година па до локалните во 2017 година, во вториот круг на гласање просечно излегувале 7,4 отсто помалку гласачи отколку во првиот круг. Само еднаш, и тоа за претседателските избори во 1999 година, граѓаните помасовно излегле во вториот круг на гласање. Во втор круг имало поголема излезност од првиот и во 2014 година, исто така на претседателските избори, но тогаш во ист ден се одржуваа и парламентарните избори, така што реално не може да се прави споредба.

На изборите на 21 април излегоа на гласање 755.702 граѓани или 41,79 отсто од гласачите од вкупниот број на избирачиот список (1.808.131). Во сегашни услови, бројот од 1.058.130 излезени гласачи ( 77,76 отсто) на претседателските избори во 1994 година изгледа како научна фантастика, иако и тогаш треба да се има во предвид дека изборите се одржуваа истовремено со парламентарните. Тогаш граѓаните уште во првиот круг го избраа за претседател Киро Глигоров, кој освои над 715.000 гласа, или речиси колку што излегле да гласаат пред една недела.

 

Преседанот се случи на наредните претседателски избори 1999 година кога во првиот круг на гласање излегоа 65,23 отсто од гласачите, а кандидатот на СДСМ, Тито Петковски освои 343.606 гласа, додека Борис Трајковски 219.098 гласови. Во вториот круг не само што излегоа повеќе гласачи на изборите- 69,56 отсто, туку се истопи предноста на Петковски, кој освои 514.599, а Трајковски со 591.972 гласа стана претседател.

На изборите во 2004 година во првиот круг излезноста беше 55,2 проценти, а во вториот круг 53,6 отсто. Во 2009 година во првиот круг гласале 56,88 отсто, а во вториот круг цензусот бил надминат за влакно, односно на гласање излегле 42,6 отсто од вкупниот број избирачи.

 

На претседателските избори 2014 година во првиот круг имало излезност од 48.86 отсто, но вториот круг на гласање се одржал заедно со предвремените парламентарни избори, па за Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски гласале 54,36 проценти од регистрираните гласачи. Сепак, и овој процент е доста помал од 62,96 отсто колку што истиот ден гласале за изборот на пратеници.

Кога станува збор за парламентарните избори, од 1990 па до 1998 година, кога гласањето се одвивало во два круга, разликата е уште подрастична. Во 1990 година на гласање во првиот круг излегле 84,8 отсто, а во вториот 76,8 проценти. На наредните избори четири години подоцна, 77,7 проценти од избирачите излегле да гласаат во првиот круг, а во вториот 57,5 отсто. Во 1998 година во првиот круг излезноста била 72,9, а во вториот круг 69,4 отсто. Од 2002 година изборите за народните пратеници се одвиваат во еден изборен круг.

На првите локални избори во 1996 година во првиот круг излегле да гласаат 56,7, а во вториот круг 50,2 отсто од гласачите. За 2000 година поради големиот број инциденти во првиот круг имаше многу прегласувања па нема достапни официјални резултати од вториот круг на изборите. Наредните локални избори се одржаа во 2005 година, а излезноста во првиот круг беше 56,6 отсто, а во вториот 52,6 проценти. Локалните избори во 2009 година се одржаа истовремено со претседателските, но нема посебна официјална бројка за излезноста за листите за советници и за градоначалници. Во 2013 година, во првиот круг излегле на гласање 66,81 отсто, додека во вториот круг излезноста била 56,8 отсто. На последните локлни избори во 2017 година во првиот круг имало излезност од 58,2 и 51,9 во вториот круг.

Статистиката е немилосрдна кога станува збор за претседателските избори. Граѓаните не ги интересира премногу изборот на претседател, па затоа одзивот на гласачите е помал во однос на парламентарните, но и на локалните избори.

Сепак, првиот круг на изборите од 21 април беше уникатен и различен од сите досегашни избори поради минималната разлика и „мртвата трка“ меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. Токму тоа може да биде факторот што ќе ги мотивира граѓаните кои гласале пак да излезат на гласање, но и оние кои тоа не го сторија во првиот круг, за да со „својот“ глас пресудат кој ќе биде новиот претседател па да се повтори 1999 година.

Игор Шегавиќ

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави