Во моментов најважно е да имаме кристално чист, демократски, фер и транспарентен избор на претседател на државата. Поинаку не можеме да добиеме датум за преговори со Европската Унија, вели Стево Пендаровски, кандидатот за шеф на државата поддржан од СДСМ и коалицијата во интервју за МИА.
Пендаровски одговараше на прашања поставени од граѓани на Фејсбук страницата на МИА, но и на прашања составени од редакцијата на Агенцијата. На истите прашања и дадовме можност да одговори и на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, го известивме нејзиниот штаб за идејата двајцата кандидати да одговорат на прашања на граѓани и на редакцијата на МИА, но од нејзиниот штаб ни кажаа дека Силјановска нема да одговара на нив, бидејќи прашањата не биле соодветни.
За начините на кои ќе ги мотивира да излезат на гласање граѓаните кои не излегоа во првиот круг, за тоа како планира да ги привлече за него да гласаат, оние кои во првиот круг го поддржаа Блерим Река, за адутите што смета дека ги поседува, но и за неговите слабости, за можните сценарија на ДУИ во вториот круг од гласањето зборувавме меѓудругото со Пендаровски во ова интервју.
Одговори и на прашање дали најновите случувања во Исламската верска заедница би можеле да се одразат на излезноста, при што нагласи дека немало обид за никаква интервенција ниту од него, ниту од луѓето, кои се околу него во судскиот систем не само во овој, туку и во кој било друг случај. Тука нагласува дека како политичар и кандидат за претседател не му доликува да ги коментира случувањата во ИВЗ, тие се внатрешна работа на верската заедница и додава дека мора да се почитува секуларниот карактер на државата.
Вели дека оној што ќе биде избран за претседател треба навистина да биде претседател на сите, вклучувајќи ги и оние со различно етничко потекло од неговото и нагласува дека верува оти оние кои во првиот круг го поддржаа Река ќе го препознаат неговиот концепт за инклузивност на сите. Без меѓуетничка кохензија и без почитување на Рамковниот договор, нагласува тој, не може да имаме внатрешна стабилност.
Смета дека голема е можноста тие што не гласале во првиот круг повторно да останат дома, тоа е нивно демократско право, нема да ги притиска да излезат. Но мисли дека овој пат контрастот меѓу политичките опции кои се нудат ќе натера барем еден дел од нив да гласаат.
За своите адути не сакаше да зборува, вели тоа не е благородно, а како своја мана ја спомена преголемата толерантност. Уште вели дека иако е поддржан од партија и коалиција, сепак е непартиски кандидат и дека доколку биде избран за претседател, премиерот нема да може стопроцентно да се потпира на него, дека нема сите негови ставови безрезервно да ги прифаќа. Додава дека тоа е единствен начин за продуктивна кохабитација, се останато е навлегување во категоријата партиски војници.
Под кое име на државата ја потпишавте вашата кандидатура за претседател?
Се разбира под новото име, Република Северна Македонија. Имавме и некои други ситуации во кои со противкандидатот на опозицијата потпишавме документи на кои стои новото име на државата. Првиот ден на кампањата потпишавме Кодекс во Државната изборна комисија за фер и демократски избори, на кој стоеше новото име на државата и потпишавме т.н. Зелена повелба во организација на здруженија, кои се грижат за заштита на човековата околина – што кога би биле претседатели би презеле за заштита на животната средина и таму стоеше новото уставно име. Од тој аспект ме чуди што мојата противкандидатка упорно се држи до тоа едно досега нечуено двојство во нашата политика. Приватно ќе го користи старото уставно име, кога ќе се мора, ако биде избрана за претседател ќе го користи новото уставно име. Или за по дома ќе биде Република Македонија, а за официјални средби и контакти со странски државници кога ќе доаѓаат или кога ќе оди таму ќе биде Република Северна Македонија. Треба да сме фер пред граѓаните и да кажеме дека со Преспанскиот договор имаме вакво име и дека Преспанскиот договор со ништо не го намалува, не го редуцира, поништува нашето право да се именуваме како Македонци, кои говорат македонски јазик. Во тој Договор ги имаме и македонските придавки и кодовите. Воопшто не мислам дека со тој Договор треба да се срамиме, напротив со тој Договор добиваме меѓународна верификација и за нашите граници и за тоа кој сме што сме. Оној момент кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, македонскиот јазик како дел од тој договор, ќе биде еден од официјалните јазици, а македонскиот јазик е веќе ставен во номенклатурата на ОН, во личната карта на земјата-членка Северна Македонија, како официјален јазик на таа држава. Македонски јазик постои и во најголемата светска организација – ОН.
Кои два адута како личност ги сметате кај Вас, како најсилни за победа, а кои две особини ги сметате како најслаби?
Ова е прашање на кое речиси никогаш не одговарам, затоа што во првиот дел треба да се фалам или кога ме фалат од страна ми доаѓа непријатно. Во вториот дел треба да кажам дека немам слаби точки, во таа ситуација не би се викал не Стево Пендаровски, туку Супермен. Ако можам да издвојам некоја особина, која можеби е мана во политиката, тоа е мојата толерантност, не само во дебатите, туку и генерално во настапот на политичката сцена и јазикот, кој според мене е примерен за една европска политичка култура, не на балканштината која ја имаме во огромни количини. Луѓето од мојот штаб, од моето најблиско политичко и приватно опкружување ми замеруваат дека не сум бил поостар во некои настапи и дека не некои ад хоминем напади не сум одговарал на ист начин. И понатаму не сметам дека тоа е мана, сметам дека тоа е доблест. Тоа што повеќето од моите противкандидати го правеа тоа оди на нивно конто, јас мислам така да продолжам. Во делот на добрите страни не би си давал лични квалификации, тоа ми е непримерно. Мислам дека политичкиот концепт, кој го застапувам во овој момент е најдоброто нешто што се нуди на нашата политичка сцена, бидејќи се потпира на два главни пилари битни за државата, ако сакаме да биде демократска, просперитетна, европска. Првиот се потпира на внатрешна кохезија, не само меѓуетничка, туку и меѓуграѓанска, бидејќи ние доживеавме стравични падови во времето на режимот тие 10/11 години се поделивме тотално по политичка линија и меѓу Македонците и меѓу Албанците. Јас мислам дека тоа сега се намали, тие политички поделби не смеат да ги сечат остро фамилиите, како што е сега случајот, кога деца со родители не разговараат и се расправаат за политика и треба внатрешно да се усогласиме со една внатрешна кохезија за битни стратешки работи. Оваа наша татковина мора да биде со излезна иднина и да има пристоен живот за луѓето, кои останаа да живеат во неа. Сето друго може да биде работа на приватен и политички избор на секој од нас. Вториот столб е евроатлантската интеграција. Не можам да замислима ниту една држава во денешна современа Европа без да биде членка на двата битни сојуза, ЕУ и НАТО, затоа што НАТО дава безбедност и гаранција на сигурноста и само ако си безбеден и во мир можеш да планираш економски развој. Ако мислите дека само со автономни ресурси може да се развивате, тоа не го направила ниту една држава.