Мрачна дамка од концентрирана антиеврејска омраза ги голта Европа и Америка, предупреди во понеделникот најпознатиот француски ловец на нацисти Серж Кларсфелд во интервју за „Франс24“.
„За Евреите сега нема безбедно место на земјата”, рече 83-годишниот Кларсфелд.
Тој потоа предупреди дека омразата кон еврејскиот народ повторно се разгорува и дека тоа може да се види во повеќе напади врз верниците и во САД и во Европа.
„Трагично е да се види дека на двете страни на Атлантикот има повторно оживување во нападите. Омразата кон Евреите живее”, вели Клерсфелд, кој е и познат историчар.
Неговите коментари беа објавени откако „Њујорк тајмс“ беше принуден да се извини за објавување стрип што го прикажа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како куче-водич со ременче со Давидовата ѕвезда, кое го води слепиот Доналд Трамп, кој носи „кипа“.
Кларсфелд рече дека стрипот е навредлив и за Трамп и за Нетанјаху, кој е третиран како куче.
„Тоа е антисемитски стрип, а да се каже дека Евреите го водат светот кореспондира со стереотипот кој е многу чест меѓу екстремната десница, но и кај крајно левицата”, рече тој.
И администрацијата на Трамп ги нападна антисемитските групи кои шират омраза.
„Ние сме во војна со овие луѓе”, рече Елан Кар, американскиот специјален пратеник за следење и борба против антисемитизмот, за пристапот на Трамп кон антисемитските групи.
Клерсфелд, кој цел живот го посветил на жртвите на холокаустот ловејќи ги нацистите, е загрижен за иднината на Европа, која се дави во антисемитска омраза.
„Никогаш некој екстремно десничарски или екстремно левичарски режим не го усреќил својот народ и не го направил просперитетен, а крајностите на моќта секогаш доведувале до беда и до бодликава жица”, вели тој.
Неговата загриженост ја повторуваат и лидерите на еврејската заедница низ цела Европа кои трпат нови нивоа на мејнстрим малтретирање.
Д-р Моше Кантор, претседател на Европскиот еврејски конгрес и основач на центарот „Кантор“, кој ги претставува демократски избраните европски еврејски заедници во Европа, минатата година објави дека антисемитизмот станува сè понормализиран.
„Општото чувство што го делат Евреите, како поединци и како заедница, е дека антисемитизмот влезе во нова фаза и е широко распространет во повеќето делови на светот. Во многу делови од Европа еврејските заедници и институции можат да работат само под строги безбедносни мерки. Оградите, надзорот и полициската и воената заштита станаа дел од нашето секојдневие“, рече тој.
„Паралелно, како што нашите институции стануваат бункери, беспомошните поединци стануваат поподложни на изолирани напади. Какво зло може да го присили некого да изврши грозни, одвратни злосторства? Одговорот е многу јасен – антисемитизмот ги дехуманизира Евреите. И кога луѓето, Евреите, сме дехуманизирани, сè може да помине.”