Главниот европски преговарач за Брегзит, Мишел Барние, порача дека очекува од политичките партии во Велика Британија да постигнат напредок оваа недела за договорот за Брегзит.
Барние истакна дека се надева оти конзервативците и лабуристите во Британија ќе успеат да постигнат договор оваа недела за начинот на кој планираат да излезат од ЕУ.
-Топката е на страната на Обединетото Кралство, поминаа шест месеци откако се постигна договорот со ЕУ. Унијата прифати да даде повеќе време затоа што Обединетото Кралство тоа го побара, преговорите течат во Лондон, таму треба да се надмине застојот, рече Барние.
Британската премиерка Тереза Меј од декември досега не успева да добие зелено светло од нејзиниот Парламент за договорот постигнат со ЕУ за напуштање на европското семејство. Европската Унија прифати да и остави дополнителен рок на Меј до европските избори за да ја надмине домашната политичка криза.