На сослушување денеска пред Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, беше побарано формирање на специјален суд за повикување на одговорност за воените злосторства за време на конфликтот во Косово, за конечно помирување помеѓу Белград и Приштина.
Сослушувањето под наслов „Жртвите од косовската војна: Потрага по правда”, ја одбележа 20-годишнината од трагичните настани во Косово, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Пред конгресмените сведочеа поранешната косовска претседателка Атифете Јахјага, адвокатите Илир Бутуки и Пол Вилијамс, како и Васфија Красниќи Гудман, една многубројните преживеани жртви на силување.
Елиот Енгел, демократски член на Претставничкиот дом од Њујорк, изјави дека и покрај тоа што поминале 20 години од конфликтот, разгорен од деструктивната политика на Слободан Милошевиќ, при што беа убиени 11.000 косовски Албанци, повеќе од 20.000 жени и мажи биле силувани, додека 1.600 лица се уште се водат како исчезнати, „имаме само шестмина осудени воени злосторници”.
– Беа убиени и 2.000 Срби и единствена начин за помирување помеѓу илјадниците преживеани кои носат тешки трауми е да се создаде специјален суд за злосторствата извршени во Косово бидејќи актуелниот ниту мисиите на САД и ЕУ во Косово не одговорија соодветно на големината на злосторствата и страдањата, изјави Енгел.
Досега, само шестмина поранешни српски функционери беа обвинети од Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија – поранешниот српски претседател, Милан Милутиновиќ, заменикот премиер на Југославија, Никола Шаиновиќ, командантите на ВЈ, Небојша Павковиќ и Владимир Лазаревиќ, генералот на ВЈ, Драгољуб Ојданиќ, и српскиот министер за внатрешни работи, Сретен Лукиќ.
Сите тие, освен Милутиновиќ, беа прогласени за виновни за „широка кампања на насилство против албанското цивилно население, што ја спровеле силите под контрола на (југословенските и) српските власти, во текот на која биле извршени убиства, сексуални напади и намерно биле уништени џамии”.
Беа обвинети и седуммина косовски Албанци, но Енгел смета дека правдата со ова е „неизбалансирана”.
Според Фондацијата за хуманитарно право од Белград, од 2001 година досега откриени се четири масовни гробници со вкупно 941 жртва, главно на цивили, мажи жени и деца, убиени во текот на 1999 година надвор од местата на воените дејства во Косово.
– Ова е доказ дека високи функционери во српската Влада презеле планирани акции да ги покријат злосторствата направени во 1999 година и досега никој во Србија не е изведен пред лицето на правдата за прикривање на овие злосторства, укажа Енгел.
Поранешната претседателката Јахјага исто така повика на создавање на нов специјален трибунал за Косово за одговорност за сторителите на сексуално насилство во Косово „бидејќи косовските, српските и меѓународните судови не успеале да стават приоритет за прогон на криминалот со сексуалното насилство”.
Таа укажа дека 1.026 косовски жени досега пријавиле силување.
Организацијата „Хјуман рајтс воч” документираше 20.000 случаи на сексуалното насилство во Косово, најмногу врз жени, но и на мажи, како воен инструмент на политиката за етничко чистење на Милошевиќ.
Јахјага истакна дека досега никој не е повикан да одговора за овие злосторства, кои служеле за заплашување, изнуда на пари, терор и прогон на месните жители од своите домови. За време на конфликтот во Косово во 1999 година и воздушните напади на НАТО врз Србија, повеќе од еден милион косовски бегалци заминаа во Албанија и во Македонија, а стотици илјади беа внатрешно раселени.
– Бараме создавање на специјален трибунал на кој ќе се обратат и жртвите на овие ужасни насилства кои оставаат доживотни трауми, изјави таа.
На сослушувањето се обрати и Гудман, државјанка на САД, која ги опиша мачните моменти кога на возраст од 16 години била силувана од српски полицаец и негов придружник.
Според Вилијамс, создавање на таков хибриден суд би можел да работи на донесување пред лицето на правдата како на српските злосторници, така и на злосторствата сторени од косовските Албанци врз српското население.
– Овој суд ќе работи по искуствата на хибридниот суд за злосторства во Руанда, кој не само што ќе ги покрие злосторствата, туку на него ќе имаат можност да се обратат и жртвите кои треба да бидат признати и од Белград и на кои треба да им се плати оштета од државата, укажа Вилијамс.
Според Бутуки, српската Влада декларативно ја одобрувала идејата за таков суд, но без конкретни чекори за нејзина реализација.