Хан за ,,Ханделсблат“: ЕК ќе препорача отворање на преговорите со Македонија
Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, изрази увереност дека Европската комисија кон крајот на мај ќе препорача отворање на преговорите со Република Северна Македонија и со Албанија.
Хан нагласува дека Скопје и Тирана го заслужија отворањето на преговорите, што беше одложено во јуни минатата година.
– Историскиот договор за ставање крај на спорот за името со Грција и договорот за пријателство со Бугарија се охрабрувачки сигнали до целиот регион дека се можни решенија за долготрајните спорови. Северна Македонија исто така постигна добар напредок кога станува збор за внатрешните реформи. Земјата заслужува зелено светло за почеток на пристапните преговори што е можно порано – пред летната пауза – изјави Хан.
Што се однесува до Албанија, комесарот Хан верува дека земјата, исто така, заслужува почеток на преговорите поради внатрешните реформи, особено реформата во судството, но оти треба да се справи со проблемите со корупцијата и организираниот криминал.
– Непризнавањето на објективно постигнатиот напредок би имало драматични последици за земјите-кандидатки и целиот регион. Каква мотивација ќе имаат земјите од Западен Балкан да спроведат тешки реформи или да ги решат билатералните спорови, како онаа меѓу Србија и Косово, ако не можат да направат понатамошни чекори на патот кон ЕУ – вели Хан во интервјуто за „Ханделсблат“, пренесува МИА.