Членството во ЕУ останува стратешка цел на Турција, а ако ЕУ не сака да не прими, таа треба да донесе таква одлука, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на прес-конференција во Братислава, по заедничка седница со министрите за надворешни работи на земјите од Вишеградската четворка.
Чавушоглу истакна дека Турција е подготвена да го разгледа секое преговарачко поглавје и да го исполни секој услов.
– По изборите, реформите се наш приоритет, истакна турскиот министер за надворешни работи.
Тој посочи дека главниот проблем со процесот на пристапување на Турција во ЕУ се политичките пречки.
Чавушоглу истакна дека Турција има придонес кон ЕУ по неколку прашања, како што се безбедноста, економијата и миграцијата, но истакна дека постојат политички пречки за членството на Турција во Унијата.
Тој нагласи дека некои земји остро се противат на членството во Анкара во ЕУ.
Чавушоглу изјави дека средбата со неговите колеги од Вишеградската четворка (Чешка, Словачка, Полска и Унгарија) била многу плодна и на неа биле разгледани прашања од взаемен интерес и регионални теми, како и ситуацијата во Сирија, Либија, Иран и Ирак.
Тој посочи дека било разгледано и прашањето за илегалната миграција и додаде дека тоа е заеднички проблем, кој треба да се реши заедно, додавајќи дека договорот Турција-ЕУ за миграција е ефикасен во таа насока.