Јапонскиот цар Акихито, при првата од низата церемонии по што официјално ќе абдицира на полноќ, денес изрази желба новата ера на неговиот син, идниот цар Нарухито, да им донесе „мир и среќа” на луѓето во Јапонија и во целиот свет.
Акихито во своето последно обраќање до народот, предавајќи му го Престолот на хризантемите на престолонаследникот Нарухито, рече дека сака новата ера да биде стабилна и плодна и „дека се моли со сето срце за мир и среќа за сите луѓе во Јапонија и во целиот свет”, објави АП.
На церемонијата во палатата, Акихито му се заблагодари на својот народ за поддршката за време на неговото 30-годишно владеење.
Тој додаде дека имал среќа што можел да ги исполни своите должности со целосна доверба и верба во својот народ.
Акихито официјално ќе биде цар до полноќ по локално време, кога ќе започне новото време во Јапонија наречено реива, што значи „убава хармонија”.