Маж кој беше обвинет дека шпионирал за Обединетите Арапски Емирати беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија во Турција. Властите велат дека осомничениот бил уапсен на средината на април и наводно признал дека шпионирал.
Турските државни медиуми објавија дека се работи за самоубиство, додека обвинителството на земјата испитува како мажот успеал да се самоубие во самица. Осомничениот, познат како Заки Ј. М. Хасан, бил пронајден обесен во својата ќелија во затворот Силиври, западно од Истанбул, во неделата изутрина, се вели во соопштението на обвинителството.
Тој беше уапсен заедно со уште еден друг маж на 15-ти април и беше обвинет четири дена подоцна за „политичка, воена и меѓународна шпионажа“.
Турција не ја идентификува националноста на ниту еден од двајцата мажи, но арапската служба на турскиот државен радиодифузер ТРТ објави дека и двајцата се Палестинци.
Хасан е 55-годишен пензиониран генерал мајор и висок официјален претставник на разузнавачките служби, објави ТРТ.
Турските власти ја истражуваат и поврзаноста на двајцата мажи со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кое се случи пред шест месеци.