Новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски во првите 100 дена ќе ја укине дополнителната акциза на горивата воведена од владата на Заев и Тевдовски, изјави на прес-конференција Владимир Ѓорчев.
„Јасно е дека цените на горивата отидоа горе и тоа како ги засега граѓаните, стопанството, транспортните претпријатија. Од тие причини треба да се намали цената на горивата, треба да се анулира зголемувањето на акцизата од 3 ипол денари по литар воведено од Заев и Тевдовски и на тој начин да имаме намалување на цената на горивата и скратување на трошоците за семејствата и компаниите“, рече Ѓорчев.
Тој рече дека во моментот кога Зоран Заев ја презел владата во јуни 2017 година едно семејство за да наполни два пати месечно резервоар со гориво требало да потроши 4.500 денари. Сега истото семејство за да го наполни истиот резервоар треба да потроши 6.500 илјади денари месечно.
„Ако тоа го пресметаме на годишно ниво гледаме дека откако Зоран Заев е премиер на Република Македонија едно семејство само за гориво троши 24. 000 денари повеќе само за гориво во текот на годината тоа е една ипол плата на ниво на година“, изјави Ѓорчев.
Тој рече и дека е зголемена цената на повратните билети низ Македонија.
„Неколку примери, во времето кога Заев стана премиер повратен билет на релација Скопје – Богданци беше 580 денари, сега истиот билет е 720 денари. Порано месечна карта на релацијата Скопје- Куманово пред две години беше 2.500 денари, сега истата е 3000 денари. Тоа е значително зголемување. Повратен билет на релација Скопје- Делчево беше 500 денари, сега е 730 денари. Повратен билет од Скопје до Струга беше 650 денари, сега е 750 денари“, истакна Ѓорчев.
Тој вети дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде повторно на власт во првите сто дена ќе ја укине дополнителната акциза на горивата.