СОС Детско село со реакција заради злоупотреба на децата во предизборната политичка кампања
СОС Детско село ги осудува сите објави во кои организацијата и децата за кои се грижи и поддржува се ставаат во политички контекст и се злоупотребуваат за политички цели.СОС Детско село реагира заради ваквата злоупотреба во процесот на предизборната политичка кампања и смета дека на овој начин се нарушува имиџот и довербата кон нашата организација.
СОС Детско село е невладина, неполитичка и непрофитна организација за социјален развој која работи исклучиво за јавниот интерес и за поддршка на децата и младите во ризик од губење на родителската грижа или кои веќе ја загубиле родителската грижа, како и за поддршка на ранливите семејства и лицата кои имаат потреба од поддршка во услови на природни катастрофи или војна.
СОС Детско село како организација која работи првенствено во најдобар интерес на децата е секогаш отворена за соработка и апелира на поддршка од сите физички и правни субјекти со цел обезбедување на највисоко ниво на квалитет во грижата и поддршката на најранливите категории во нашето општество. Затоа, секој граѓанин, организација, правен субјект или институција има право да донира или да ја поддржи работата на организацијата, но нема право истата да ја користи во сопствена полза, а особено не во политички цели.
Организацијата од своето основање, во нашата земја, работи во партнерство со Министерството за труд и социјална политика. Приватната установа има потпишан договор со Министерството за труд и социјална работа за зголемување на надоместокот за младите и од февруари 2019 годинa се обезбедуваат 18.000 денари по дете, за 28 млади за кои СОС Детско село има преземено обврска да обезбеди, храна, облека, вклучување во образовен процес и поддршка до нивно осамостојување.
Финансиската поддршка од МТСП учествува со 13% од буџетот на Приватната установа а со 45% во буџетот за грижа за млади. Затоа, СОС Детско село со дополнителни средства кои се обезбедуваат од домашни и странски донатори овозможува низа дополнителни активности за децата и младите и ги подржува нивните таленти, обезбедува едукативна и психо-социјална поддршка, спортски активности како и низа други активности како менторска поддршка и кариерно советување за нивно осамостојување.
Во нашата организација секојдневно пристигнуваат иницијативи за поддршка, волонтерство и донаторство и ние имаме отворен пристап кон сите добронамерни иницијативи бидејќи без нив нема да можеме да обезбедиме одржливост и поголем опфат на корисници на кои им треба нашата помош. СОС Детско село во изминативе 18 години, низ својата работа и влијание во заедницата има помогнато на многу деца, млади и семејства во социјални ризици на кои им била потребна нашата помош. Токму заради ова, како и заради нашиот професионален пристап во работата, многу граѓани, компании и организации ни ја даваат својата поддршка и доверба и заедно со нас менуваат животи на многу деца и семејства.
СОС Детско село останува отворена за соработка со сите заинтересирани страни, и ќе преземе мерки да превенира вакви идни злоупотреби на организацијата и нејзината хуманитарна работа за политички цели.