Изложба на фотографии насловена „Будимпештански приказни” ќе биде отворена утревечер во Националната установа „Уметничка Галерија” – Тетово, што се наоѓа во стариот турски амам.
Изложбата, на која ќе бидат претставени фотографии на авторите Имре Кински и Ото Кајзер, ја организираат Амбасадата на Унгарија во соработка Националната установа „Уметничка Галерија” – Тетово.
– Сликите на Имре Кински направени на почетокот на дваесеттиот век и речиси 100 години подоцнежните фотографии на Ото Кајзер ги раскажуваат речиси истите приказни. Левитацијата на двајцата се сплетува во една приказна за Будимпешта, затоа што восхитот со кој се вртат кон камењата е истоветен со љубовта, со која што се вртат кон луѓето, велат организаторите за авторите на изложбата во поканата до јавноста.
Имре Кински (1900-1944) е унгарски фотограф од еврејско потекло кој не успева да ја преживее Втората светска војна. Ото Кајзер е роден 1953 година во Унгарија, има над 40 фотографски албуми и одржани изложби во над 50 земји низ светот.