Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, призна дека не очекувал тимот од Мерсисајд да се справи толку добро без ѕвездата Филипе Кутињо.
Бразилецот побара да го напушти „Енфилд” и беше продаден на Барселона во јануари 2018 година за сума од 146 милиони фунти, но тимот на Клоп успеа да ја пополни празнината оставена од Кутињо и да игра на топ-ниво.
Вечерва халфот ќе се соочи со своите поранешни соиграчи во првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампионите помеѓу Барселона и Ливерпул.
– Кутињо ни недостасува, бидејќи е играч од светска класа и беше задоволство да работам со него. Кога сфатив дека сака да оди во Барселона, не ни замислував дека ќе се справиме толку добро без него. Но го направивме тоа и овој трансфер беше успешен за двете страни, рече Клоп.
Германскиот стретег не пропушти да го забележи огромниот напредок на Ливерпул, откако тој го презеде тимот во октомври 2015 година.
– Само пред две години се прифаќаше за голем успех, ако Ливерпул воопшто се пласираше во Лигата на шампиони. А сега две сезони по ред сме во полуфиналето. Тоа е позитивно. Не размислуваме за шампионатниот натпревар со Њукасл на крајот на неделава. Тоа би било голема грешка. Сакаме да земеме добар резултат против Барселона, кој ќе ни даде предност за реваншот дома, изјави стратегот.
Клоп додаде дека тимот вечерва нема да се концентрира целосно на чувувањето на Лионел Меси.
– Барселона има други 10 топ-играчи кои исто така можат да го решат натпреварот, прокоментира Германецот на пресконференцијата пред натпреварот.