Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, кој вчера во судот во Лондон беше осуден на 50 недели притвор поради кршење на условната казна, им се извини на сите оние кои сметаат дека не им укажал почит, истакнувајќи дека тоа не била негова намера.
Асанж во писмото прочитано пред судот кажа дека во еден момент „се борел со тешки околности”, објави Би-би-си.
„Јас го направив она што во тој момент мислев дека е најдоброто или можеби единственото нешто што можев да го направам”, рече Асанж.
Додека чуварите го водеа кон затворските ќелии по изрекувањето на пресудата, Асанж ја крена тупаницата во насока на неговите поддржувачи во судницата, на што тие му возвратија со ист поздрав.
Приврзаниците на Асанж, исто така, извикуваа „срам да ви биде” обраќајќи се на судот, објави Би-би-си.
За време на пресудата, судот во Лондон соопшти дека Асанж ја прекршил условната казна пред речиси седум години, по што се криел во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што добил азил.
Судијката Дебора Тејлор изјави дека Асанж ја користел својата привилегирана положба за да го прекрши законот и да го изрази својот презир кон британската правда.