Лидерот на грчката опозициска Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, во интервју за белгискиот весник “Ле Соар” вели дека доколку неговата партија дојде на власт во Грција ќе се бори за “ублажување” на последиците од Преспанскиот договор, кој го смета за штетен за неговата земја, јави дописничката на МИА од Брисел.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија смета дека договорот со Северна Македонија е “екстремно проблематичен за Грција” затоа што “меѓу другото тој признава македонски јазик и македонска националност”.
-Со тоа се потхранува иредентизмот и национализмот во чувствителниот балкански регион, објаснува Мицотакис во интервјуто.
Поради тоа, вели шефот на Нова Демократија, “тој е проблематичен и токму поради тоа во Нова Демократија сметаме дека е многу лош договор за Грција” и додава дека “огромното мнозинство Грци се против” договорот.
-Ќе се бориме мирно и одговорно за да ги ублажиме последиците, кои се сериозно негативни, од овој договор и да ја заштитиме нашата земја од опасности кои ги носи, затоа и нема да се откажеме од нашето право на вето за пристапувањето на соседната држава во Европската Унија, вели Мицотакис на прашање за неговиот став за договорот со кој се реши долгогодишниот спор меѓу двете земји.
Во интервјуто, Мицотакис вели дека има целосна доверба во кандидатот на Европската Народна Партија, Манфред Вебер, да ја води идната Европска Комисија.
-Знам дека под идниот европски состав ќе имаме во Европската Комисија некој кој ќе ги разбира грчките позиции, вели Мицотакис на прашањето дали е чувствително во Грција да се даде поддршка на германски кандидат и тврди дека со него ќе може повторно да преговара за условите на планот за економски спас на Грција.
Шефот на Нова Демократија е уверен дека со Манфред Вебер на чело на идната Европска Комисија ќе се покаже поголема флексибилност кон Грција, но признава дека единствена точка на несогласување со кандидатот за претседател на европската десница се преговорите за членство во ЕУ со Турција. Мицотакис смета дека не треба да се стави крај на процесот со Анкара, додека Вебер смета дека треба да се прекинат преговорите со оваа земја.