Турција го критикува американскиот Годишен меѓународен извештај за 2019 година односно за религиозните слободи во другите земји, според кој турскиот исламски проповедник Фетулах Ѓулен и неговите приврзаници се „мало, угнетено верско малцинство”.
Според Анкара, овој текст ги искривува фактите и намерно го занемарува тероризмот.
– Назначувањето на членовите на ФЕТО како муслимани сунити, кои биле подложени на религиозно угнетување, јасно открива до кој степен извештајот е пристасен, надвор од реалноста и напишан под влијание на лидерот на ФЕТО, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Хами Аксој во писмена изјава во врска со извештајот за Турција, објавен вчера под наслов „Меѓународен извештај за слободата во 2019 година”.
Аксој наведе дека во извештајот се споменуваат ФЕТО и неговите членови како група, која „е обвинета” од турската Влада за организирање државен удар, и покрај тоа што судот утврди дека ФЕТО е терористичка организација.
Според него, „вакви забелешки во извештај на Конгресот на САД значи дека тие намерно ги затвораат очите за тероризмот”.
Аксој истакнува дека критиките на Вашингтон кон Турција се знак за нивната спротивставена политика.
Осврнувајќи се на заедничката декларација потпишана минатата година од страна на лидерите на сите немуслимански заедници во Турција, вклучувајќи го и грчкиот православен патријарх Вартоломеј Први од Цариград, ерменскиот заменик-патријарх Арам Атешан во Турција и главниот рабин Ишак Халева, портпаролот Аксој рече дека таа декларација е најјасен пример кој ја потврдува широката верска слобода во Турција.
Портпаролот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Кален, исто така, го осуди Годишниот меѓународен извештај на САД за 2019 година. Опишувајќи го како „далеку од реалноста и објективноста”, Кален рече дека извештајот „се обидува да го оправда ФЕТО …, која законски е докажана дека е терористичка организација”.