ВМРО-ДПМНE треба повторно да ги разгледа нивните предлози за Специјалното јавно обвинителство (СЈО) со цел да може да се донесе соодветно и адекватно решение, изјави денеска портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.
Одговарајќи на новинарски прашања дали има новини во однос на преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за законот за јавно обвинителство Бошњаковски рече дека нема нови информации, повторувајќи дека тоа што било доставено од ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно неприфатливо за Министерството за правда и за Владата.
Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека во Законот за јавно обвинителство што го предлага Владата било замислено тим од јавни обвинители со искуство поголемо од 15 години да прават распределба на предметите, а самиот јавен обвинител да утврдува дали има или нема докази, дали продолжува или не продолжува постапката. Тоа, како што рече, би било разумно решение, бидејќи така политичарите нема да одлучуваат за иднината на предметите, туку обвинители и судии.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно информираше дека нивен прв принцип е да го инкорпорираат СЈО во рамки на Одделението за гонење на криминал и корупција. Бараат и јавниот обвинител да биде на предлог на опозицијата. Третиот принцип е да не важат бомбите, сé што е до 30 јуни 2017 година согласно со Законот за СЈО, нека си има завршница, а после тоа да се покрене одговорност зошто некој постапувал спротивно на законите, некој неовластен тужител ја злоупотрбил својата службена позиција и должност и отпочнал предистраги и истраги, дури поднесол определни обвиненија и зошто некој од судиите ги прифатил тие обвиненија, истакна Мицкоски.