Со статијата „Среден клеточен волумен”, Википедија на македонски јазик го надмина бројот од 100.000 статии, што претставува јубилеен успех на најголемата енциклопедија на македонски јазик.
Википедија е слободна енциклопедија која секој може да ја уредува, основана на 15 јануари 2001 година, а на македонски јазик е достапна од август 2003 година, иако заедницата на активни корисници е создадена во 2005 година. Содржините низ текот на годините ги имаат пишувано уредници со различни занимања и знаење од различни области, вклучително и студенти, универзитетски професори и научни истражувачи. Најголем дел од содржините се плод на макотрпната работа на околу 15 многу активни уредници, кои месечно придонесуваат со повеќе од 100 уредувања кон проектот.
-Содржините на проектот се разновидни и се поткрепени со веродостојни извори во облик на пишана литература и интернет-страници на повеќе јазици. Голем дел од статиите се илустрирани со слободни слики и фотографии, а некои содржат и слободни видео и аудио-записи. Промените во статиите се прикажуваат веднаш, што овозможува енциклопедијата лесно да се прилагоди на развојот на некои значајни настани, како и на промените во биографиите на живите личности. Со повеќе од три милиони прегледи месечно, Википедија на македонски јазик е едно од најпосетуваните интернет-места во Македонија, а нејзините содржини се преземаат од страна на медиумите и се среќаваат во документарни филмови и текстови со научна содржина, соопштуваат од Викимедија Македонија.
Википедија на македнски јазик, како што се наведува во соопштението, се соочува и со бројни предизвици, како што се веродостојноста и фактографската точност на содржините, недоволната покриеност на некои теми и нискиот број на активни уредници, а меѓу нив особено на жените, како и на научните работници. Во изминатите неколку години, активната заедница на проектот активни се залага за надминување на некои од овие проблеми, а забележителен е и значителен напредок.