Со положување цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, со палење шест меморијални свеќи во просториите на Центарот и со отворање на изложбата „Холокаустот низ призмата на детските очи” денеска беше одбележан Јом Ашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот.
Овој ден се одбележува во сеќавање на востанието на Евреите во Вашавското гето во 1943 година и на шесте милиони Евреи убиени во холокаустот. Шесте меморијални свеќи ги запали претседателот на Фондот на холокаустот на Евреите, Благоја Младеновски, а цвеќе пред споменикот положија претставници на Еврејската заедница, на Фондот на холокаусот на Евреите и на неколку амбасади.
Генералниот секретар на Еврејската заедница, Јана Ничота во обраќањето пред присутните рече дека им оддаваат почит на жртвите на холокаустот и ги потсетуваат новите генерации за лекциите што треба да се научат од минатото. Посочи дека денеска постои се поголема потреба од вклучување на едукација за холокаустот пред се во државното школство, но и преку неформалното образование.
– Само преку формирање широка коалиција составена од многу партнери можеме да успееме во нашата мисија – едукација за холокаустот, геноцид, ширење на омраза, антисемитизам и другите типови на ксенофобија. Во ова покрај државните образовни институции кои имаат одговороност овие концепти да ги интегрираат во годишните програми од формалниот образовен систем, клучна улога треба и мора да има граѓанскиот сектор, кој на своја иницијатива ќе даде значаен придонес на ова поле. Само на овој начин можеме да покажеме дека сме уверени и подготвени заедно да работиме за создавање слободни, демократски и мирни општества за сите, рече Ничота.
Координаторот на проектот Маја Суша на отворањето на изложбата „Холокаустот низ призмата на детските очи” рече дека од 100 ликовни творби во рамки на проектот, се изложени најдобрите 65 на деца од основни училишта во државава.
Потенцира дека низ проектот „Холокаустот низ призмата на детските очи” темата ја приближуваат кон голем број ученици односно кон околу 500 деца годишно и низ уметноста, литературата и филмот ја прават поблиска до нивните срца.
– Децата се нашата иднина и нашите стремежи треба да бидат насочени кон создавањето здрава младина, а тоа е всушност и една од нашите најважни цели, како Меморијален центар. Навлегуваме во новата ера на сеќавање и едукација, каде ги поставуваме и новите стандарди на холокауст едукација за идните генерации. Од нашите прераскажувања зависи зачувувањето на споменот на тие кои беа убиени во Треблинка, Евреите од Штип, Скопје и Битола. Нашите стремежи се фокусирани токму кон создавањето здрава генерација, генерација без предрасуди со цел создавање иднина во која нема да владеат деструктивни и дискриминирачки појави, рече Суша.
Додаде дека ја искажуваат својата почит кон 7.144 сограѓани Евреи, им се поклонуваат токму тука во поранешното Еврејско маало, докажуваат дека никогаш нема да ги заборават и ќе го негуваат нивниот спомен и дело. Изложбата ќе биде отворена до крајот на месецов.