Кандидатката за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, денеска беше на средби со граѓаните на општина Чаир, каде што им се заблагодари за нивната поддршка во првиот круг од претседателските избори и побара уште помасовна поддршка во вториот круг закажан за 5 мај.
Силјановска-Давкова пред граѓаните посочи дека, доколку победи на изборите, ќе ја донесе правдата во Република Македонија потенцирајќи дека таа ќе биде жена претседател на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или политичка определба.
Силјановска-Давкова нагласи дека не сака да прави пазар со гласовите на граѓаните бидејќи таа не сака да тргува со тоа, односно, како што рече, таа е секогаш со народот и работи во нивен интерес, а сè друго претставува пазар, што, според неа, претставува навреда кон граѓаните.
Таа додаде дека сè она што го ветила пред граѓаните, ќе го исполни алудирајќи дека граѓаните на Република Македонија се мудри и знаат да направат вистински избор и да ја изберат вистинската страна на 5 мај.